НА 83 ГОДИНИ Ѝ ВЕЛАТ ДЕКА ИЗГЛЕДА КАКО ДА ИМА 28 „Не верувам во мода соодветна на возраста“
Луѓето постојано ме прашуваат која е мојата тајна, а јас секогаш им давам исти четири одговори: вежбање, опсесивна нега на кожата, додатоци во исхраната и позитивен став, вели инфлуенсерката Мики Вилијамс која сосема неочекувано станала популарна на Тик-Ток
Додека разгледува низ својот огромен гардеробер, 83-годишната Мики Вилијамс го избира она што го нарекува „најекстравагантно“ мини здолниште за тој ден.
Додека многу нејзини врснички одамна ги соблекле своите тесни и кратки фустани, оваа пензионерка инсистира дека никогаш не верувала во мода „соодветна за возраста“. Таа обрнува толку многу внимание на својата забавна гардероба што троши околу 11.000 фунти (околу 12.750 евра) годишно за нови парчиња и тврди дека луѓето треба да го носат она што ги прави среќни.
„Јас сум малку бунтовничка“
Мики, која живее во Нејплс, Флорида, обожава да носи уникатни парчиња од бутици и вели дека нејзиниот смел, „екстравагантен“ стил бил за неа начин да се изрази себеси во текот на целиот свој живот. Таа проценува дека има околу 200 пара чевли и повеќе од 100 блузи во својата колекција.
– Не се согласувам со облекувањето во согласност со годините и никогаш не сум се согласувала. Тој термин постои долго време, но отсекогаш целосно го игнорирав. Претпоставувам дека сум малку бунтовничка, индивидуалист. Луѓето ме запираат секој ден и велат: „Ми се допаѓа твојата облека, но никогаш не би можела да ја носам“. Јас секогаш велам: „Секако дека би можела. Разликата е што едноставно не си даваш дозвола“ – вели таа.