МОЖНО Е ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ОСНОВНАТА КАМАТНА СТАПКА Славески вели дека тоа ќе се направи, ако инфлацијата продолжи да расте

Гувернерот вели дека монетарната политика мора да биде внимателна и балансирана, бидејќи пребрзото затегнување може да предизвика забавување на економскиот раст, додека задоцнетата реакција може да доведе до вградување повисоки инфлациски очекувања.

1

Доколку има натамошни притисоци врз ценовното ниво, ќе реагираме со корекција на каматните стапки нагоре, но конечната одлука ќе зависи од расположливите податоци за инфлацијата и за нејзините движења во наредниот период, изјави гувернерот на Народната банка, Трајко Славески

Тој нагласи дека Народната банка внимателно ги следи инфлациските движења коишто, по период на дезинфлација, повторно бележат забрзување во март и април, под влијание на надворешни фактори, пред сè на растот на цените на енергенсите.






Славески појасни дека претходно економијата била блиску до стабилизирање на инфлацијата на ниво од околу 2,5%, но дека последните геополитички случувања придонесле за промена на трендот и за зголемена неизвесност кај ценовните движења.

Според него, монетарната политика мора да биде внимателна и балансирана, бидејќи пребрзото затегнување може да предизвика забавување на економскиот раст, додека задоцнетата реакција може да доведе до вградување повисоки инфлациски очекувања.

Гувернерот рече дека покрај основната каматна стапка која е главниот инструмент во одржувањето на ценовната стабилност, Народната банка располага и со други инструменти, вклучително и макропрудентни мерки за зачувување на финансиската стабилност.

Народната банка и во иднина внимателно ќе ги следи економските показатели и ќе носи одлуки врз основа на поширок збир податоци за инфлацијата и за економските движења, при што во фокусот и натаму ќе биде одржувањето на ценовната стабилност на среден рок.

Поврзани содржини