ЈА СКИНАЛ ЛЕПЕНКАТА И ГО ЗЕЛ ЗАПЛЕНЕТОТО ВОЗИЛО Жител на Крива Паланка заработи кривична пријава
39-годишник од Крива Паланка спречил службено лице и го одвел возилото кое било под службена забрана.
Во Крива Паланка е поднесена кривична пријава против 39-годишен жител, откако, според полицијата, спречил службено лице во извршување на своите должности и оштетил службена ознака на возило кое претходно било запленето.
Од Надворешната канцеларија за криминалистички работи Крива Паланка информираат дека пријавата е поднесена против С.М.(39) поради сомнение за сторени кривични дела „спречување службено лице при вршење службено дејствие“ и „симнување и оштетување на службен печат или знак“.
Инцидентот се случил на 25 март 2026 година во Крива Паланка, кога, според полицијата, пријавениот не постапил по наредба на полициски службеник.
Наместо тоа, тој ја отстранил службената лепенка од возилото, по што го отклучил и го ставил во движење автомобилот кој претходно бил предмет на постапка за прекршок поврзан со „безобѕирно управување со моторно возило“.
Полицијата презема дополнителни мерки за целосно расчистување на случајот.