ИСТРАГАТА БИЛА ПОЧНАТА ПО ПРВИТЕ ИЗВЕСТУВАЊА ОД МВР Обвинителството со месеци чека одговор за шпионската афера во Кабинетот на претседателката 

Обвинителството за организиран криминал откри дека уште од декември лани води предистрага за сомнежи за недозволени активности во Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. Од ОЈО велат дека со месеци бараат анализи, видеоснимки и податоци од МВР, но дека досега нема добиено повратни информации за резултатите од истрагата.

506

Обвинителството за организиран криминал и корупција денеска потврди дека уште од декември минатата година води предистражна постапка за сомнежи за шпиунажа и недозволени активности во Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

Од ОЈО велат дека со месеци бараат анализи, видеоснимки и податоци од МВР, но дека досега нема добиено повратни информации за резултатите од истрагата.






Според обвинителството, постапката била отворена на 18 декември минатата година, кога било добиено известување од МВР за индиции за компјутерски криминал кое се однесува на настан од 24.11.2025 година.

Според соопштението, веднаш била побарана и судска наредба за пребарување на информативниот систем во Кабинетот на претседателката.

„Во рамки на постапката, до Основниот кривичен суд беше доставено Барање за издавање наредба за пребарување на компјутерски систем, со цел утврдување на содржините што евентуално биле неовластено преснимени од информативниот систем во Кабинетот на Претседателката.“

Обвинителството додава дека истовремено биле издадени и наредби за екстракција на податоци од персонални и лаптоп компјутери доставени до МВР.

„Дополнително, до Кабинетот на Претседателката беше упатено барање за доставување копии од видео записите од безбедносните камери поврзани со пријавениот настан.“

Но, токму тука почнале и проблемите околу видеонадзорот.

Од ОЈО велат дека Кабинетот на претседателката ги известил оти не располага со снимките, бидејќи опремата била набавена преку СОЗР, а снимките биле во надлежност на МВР.

„На почетокот на 2026 година, по добиено известување дека Кабинетот на Претседателката не располага со копии од видео надзорот, бидејќи опремата е набавена преку СОЗР, а надлежноста за ракување и чување на записите е кај МВР, предметниот јавен обвинител се обрати и до СОЗР и до МВР за нивно итно обезбедување.“

Од Обвинителството додаваат дека СОЗР одговорил оти не располага со видеоснимки.

„Од СОЗР беше добиено известување дека институцијата не располага со видео записи, туку дека нивната надлежност се однесува исклучиво на набавка на опремата, додека чувањето и располагањето со копиите од записите е во надлежност на МВР.“

Потоа следувала анализа на компјутерската опрема и на криптираните податоци.

„На 16.03.2026 година МВР доставило известување за дел од преземените активности кои се однесуваат на обезбедување пристап до криптираните податоци од дотогаш екстрахираната компјутерска опрема.“

Во меѓувреме, до ОЈО биле доставени и два мобилни телефона одземени од пријавениот.

„До ОЈО ГОКК биле доставени и два мобилни телефони одземени од пријавениот, со барање за нивна екстракција во Истражниот центар на ОЈО ГОКК.“

Обвинителството наведува дека потоа било побарано и заедничко вештачење на податоците од телефоните и компјутерската опрема.

„На 25.03.2026 година, имајќи ја предвид сериозноста и чувствителноста на предметот, јавниот обвинител до МВР, Сектор за компјутерски криминал, доставил наредба за анализа на податоците од мобилните телефони, како и заедничка анализа на податоците екстрахирани од компјутерската опрема обработена во Истражниот центар на ОЈО ГОКК.“

Но, и покрај сериозноста на случајот, од ОЈО тврдат дека сè уште немаат добиено резултати од МВР.

„До денес, и покрај сериозноста на предметот, чувствителноста на околностите и значењето на навременото постапување, ОЈО ГОКК нема добиено известување од МВР за резултатите од преземените дејствија, ниту за прибраните докази“, наведуваат од Обвинителството.

СИ ИГРАЛ ШПИОН ВО КАБИНЕТОТ НА ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА Обвинителството води предистрага од декември лани

Поврзани содржини