ЦАРИНСКО КУЧЕ НАДУШКА 500.000 ЕВРА Парите биле скриени во ќеси и во бункер на минибус

На Табановце спречен обид за шверц на половина милион евра, скриени во бункер на минибус, парите откриени со скенер и царинско куче.

71

На граничниот премин Табановце е спречен обид за нелегален пренос на околу 500.000 евра во кеш, соопшти директорот на Царинската управа, Бобан Николовски.

Според неговите изјави, парите биле откриени во специјално направен бункер во минибус кој влегувал во земјата, внимателно спакувани во повеќе ќеси.






Минибусот, кој превезувал седум патници и бил сопственост на туристичка агенција од Албанија, бил детално проверен откако царинските службеници забележале сомнителни преправки на возилото.

По првичната проверка, бил ангажиран и царинскиот службен пес, кој укажал на можно присуство на скриена стока на истото место. Потоа возилото било скенирано со мобилни скенери, по што бил потврден сомнежот за криумчарење.

Во специјално конструираниот простор биле пронајдени 14 ќеси со вкупно 500.000 евра.

– Ова е најголема заплена досега во историјата на Царинската управа на Република Македонија. Девизите и возилото се трајно одземени, а сторителот, државјанин на Албанија, со иницијали Џ. Г., кој управувал со минибусот, е соодветно гонет, за што веќе е изречена судска пресуда од Основниот суд во Куманово. Обидот е откриен во акција на Одделението за оперативни работи на влез на државниот граничен премин Табановце, во која е извршена детална контрола на минибусот, сопственост на туристичка агенција од Албанија со која биле превезувани седум патници – рече Николовски.

Николовски изјави дека се работи за една од најголемите, ако не и најголемата заплена на готовина во историјата на Царината.

Според него, одземените пари и возилото се трајно конфискувани, а случајот е веќе процесуиран, при што е донесена и судска одлука од Основниот суд во Куманово.

Тој додаде дека конечната дестинација на запленетите средства ќе ја утврдат надлежните институции, по што тие ќе бидат уплатени во државниот буџет.

Царинските службеници кои учествувале во акцијата ќе бидат наградени со по 10.000 денари, соопшти директорот.

– Сакам јавно да се заблагодарам на тимовите од Одделението за оперативни работи за брзата реакција и школски одработената професионална контрола. Апелирам до сите, дека секој обид за нелегален прекуграничен пренос на готовина и обид за криумчарење ќе биде најстрого санкциониран од страна на царинските службеници при Царинската управа – потенцира директорот на Царината, Николовски

Поврзани содржини