ВЕНКО ФИЛИПЧЕ ОБЈАВИ „ФРОНТ ЗА ВИСТИНА И ПРАВДА“ Вештачка интелигенција ќе му ги открива корумпираните функционери
Клучниот столб на кој се темели програмата е нулта толеранција за корупција и дигитална транспарентност и опфаќа полна имплементација и проширување на соработката со Европското јавно обвинителство.
Лидерот на СДСМ Венко Филипче објави „Фронт за вистина и правда“. Нулта толеранција за корупција и европска правда, иднина за младите, достоинствен живот за сите, подобар животен стандард и силно село и земјодолци се столбовите на Фронтот, кој Филипче го претстави на прес-конференција.
Клучниот столб на кој се темели програмата е нулта толеранција за корупција и дигитална транспарентност и опфаќа полна имплементација и проширување на соработката со Европското јавно обвинителство.
Во рамките на овој столб, предвидено е основање на национална антикорупциска дирекција според моделот на романскиот ДНА, потоа целосна дигитализација на јавните набавки, тендери и услуги, според естонскиот модел, задолжителна електронска декларација на имот, како и заштита и награда за свиркачи и регистар на црни листи.
– Граѓанин или вработен кој ќе пријави корупција добива 5 до 15% од вратените пари, плус целосна заштита на идентитетот и неговото работно место. Има анонимен онлајн канал, а моделот е по примерот на Естонија и САД. Со јавниот регистар на црни листи, секој осуден за корупција трајно се забранува да врши јавна функција или да учествува на државни тендерски постапки, ќе следуваат строги казни и конфискација на имот. Регистрот ќе биде јавно достапен онлајн. Моделот e од естонската и од романската праксa – објасни Филипче.
Во рамки на законските решенија, Филипче најави и целосен дигитален систем за контрола на имотот на функционерите со користење на вештачка интелигенција.
– Задолжителна електронска декларација на имот, која што ќе се обработува со систем на вештачка интелигенција. Од премиер до најнизок функционер на локално ниво, семејството, го пријавуваат целиот имот, сметки, акции и подароци над 100 евра”, потенцираше Филипче.
Тој објасни дека системот автоматски ќе ги споредува пријавените податоци со реалните примања на функционерите.
– Вештачка интелигенција, системот кој ќе се користи, ги споредува со примањата. Лажна или нецелосна декларација ќе биде предмет на кривична одговорност. Моделот е естонски, плус модел кој што се имплементирал во Сингапур. Ова не е само закон, ова е гаранција дека корупцијата ќе има име и презиме и датум на суд. Секој кој го прекршил законот ќе одговара – рече Филипче.