ФЗОМ БАРА РЕШЕНИЕ ЗА ПРОБЛЕМИТЕ ПРИ ИСПЛАТА НА ПОРОДИЛНОТО БОЛЕДУВАЊЕ Помалите фирми не прават разлика меѓу патолошка бременост и породилно отсуство
Разликата е во тоа што за патолошка бременост надоместот е 70, а за породилното боледување е 100 проценти, а за тоа мора да се поднесе ново барање. Овој месец имавме 10-тина жалби и констатиравме дека е побаран надомест за патолошка бременост, а не е испратен документ дека родилката е на породилно отсуство, вели директорот на ФЗОМ, Сашо Клековски.
Фондот за здравство бара решение за техничките проблеми при исплатата на породилното отсуство, дел од проблемите се од помалите фирми кои не прават разлика помеѓу пријавувањето на патолошка бременост или породилното отсуство, вели директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски.
– Бараме техничко решение како тоа да се надмине, меѓутоа за разлика од другите исплати, овие се фреквентно променливи и некогаш процесите не се следат соодветно. Дел од проблемите што настануваат се, посебно од помалите фирми кои не прават разлика помеѓу пријавувањето на патолошка бременост и породилен надомест. Разликата е во тоа што за едните надоместот е 70, а за другите е 100 проценти. А за тоа мора да се поднесе ново барање. Само овој месец имавме 10-тина случаи на жалби и констатиравме дека е побаран надомест за патолошка бременост, а не е испратен документ дека родилката е на породилно отсуство. Работиме на тоа, ние постојано се извинуваме за непријатностите, меѓутоа се трудиме да најдеме техничко решение, за да го олесниме процесот и на пријавување и на исплата – објаснува Клековски.
Системот за исплата на породилните боледувања е таков каков што е, додаде тој.
Посебно има проблеми со почетните и со завршните месеци, бидејќи и првиот и последниот месец поминуваат низ процес на верификација во подрачните служби на Фондот и таа верификација сè уште се врши рачно.
– Во основа, подрачните служби ги верификуваат породилните отсуства, ги испраќаат во дирекцијата во Скопје каде што се исплаќаат боледувањата. Како што пристигнуваат породилните и другите долги боледувања, ние така ги исплаќаме. Само минатиот месец имаме исплатено 511 милиони денари за боледувања. Минатата година исплативме 72 милиони евра за породилни боледувања – рече Клековски, кој денеска присуствуваше на промовирањето на новата опрема во прилепската болница.