КУБА ВО МРАК, ПРОТЕСТИ НА УЛИЦИТЕ Хавана е без гориво по блокадата на Трамп

Масовни прекини на струја и протести избувнаа во Хавана откако Куба остана без резерви на нафта и дизел. Властите предупредуваат дека енергетскиот систем е во критична состојба, додека САД продолжуваат со блокадата на испораките на гориво.

211
Во кубанската престолнина Хавана избувнаа протести поради најтешките струјни прекини во последните децении, објавија Ројтерс и Дојче веле. Стотици граѓани излегоа на улиците, тропаа со тенџериња и бараа итно враќање на електричната енергија.Во неколку населби биле запалени купови отпад, а дел од патиштата биле блокирани. И покрај тензиите, протестите главно поминале без поголеми инциденти.

„Немаме повеќе резерви“

Кубанскиот министер за енергетика Висенте де ла О предупреди дека електроенергетскиот систем е во „критична состојба“ и призна дека резервите на дизел и мазут се целосно исцрпени.

– Немаме повеќе резерви – изјавил министерот во државните медиуми.

Во многу делови на Хавана граѓаните остануваат без струја и до 20 или 22 часа дневно. Кризата дополнително се продлабочува поради недостиг од храна, лекови и гориво.

Трамп ги стегна испораките

САД од почетокот на годината ги блокираат испораките на нафта за Куба, а санкциите биле дополнително заострени во јануари. Според извештаите, ниту Венецуела ниту Мексико повеќе не испорачуваат гориво за островот.

Претседателот на САД Доналд Трамп им се заканил со царини на државите што би извезувале гориво за Куба. Од декември досега, само еден голем руски танкер испорачал сурова нафта на островот.

„Блокада на човековите права“

Обединетите нации минатата недела ја оценија американската блокада како незаконита и предупредија дека мерките негативно влијаат врз основните права на кубанското население.

Во меѓувреме, Куба се обидува да најде нови извори на енергија и продолжува со инвестиции во соларни централи. Но властите признаваат дека недостигот од гориво ја прави мрежата нестабилна и дел од капацитетите не можат целосно да се искористат.

Поврзани содржини