ДАЛИ ХАНТАВИРУСОТ ДОЈДЕ ОД „КРАЈОТ НА СВЕТОТ“? Во Ушуаја нема такви глодари, ниту таква клима

Аргентинските власти тврдат дека нема докази оти туристичкиот град Ушуаја е местото од кое почнала епидемијата на хантавирус на крузерот MV Hondius. Сепак, сомнежите растат поради теоријата дека патници можеби се заразиле на депонија полна со глодари.

965

Ушуаја, најјужниот град во Аргентина познат како „крајот на светот“, се најде во центарот на сомнежите дека токму таму започнала епидемијата на хантавирус на холандскиот крузер MV Hondius, но локалните власти остро го негираат тоа.

Бродот, кој сега е закотвен во Тенерифе на Канарските Острови, го почнал патувањето на 1 април токму од Ушуаја, оддалечена повеќе од 9.000 километри. На бродот имало 114 патници и 61 член на екипажот од 22 држави.

Сомнежите се појавија по теоријата дека некој од патниците можеби се заразил на депонија во предградието на Ушуаја, место кое туристите често го посетуваат за набљудување птици, а каде има и голем број стаорци и глувци.

„Немаме ниту еден случај во историјата“

Аргентинските здравствени власти тврдат дека Ушуаја не може да биде изворот на заразата.

– Во Огнена Земја немаме евиденција за случаи на хантавирус во нашата историја. Од 1996 година, кога болеста стана задолжителна за пријавување, немаме ниту еден случај – изјави Хуан Факундо Петрина, директор за епидемиологија и здравје на животната средина во покраината.

Тој нагласи дека регионот нема климатски услови за развој на вирусот, ниту го има глушецот со долга опашка кој најчесто ја пренесува болеста, пренесува Би-Би-Си.

– Ние сме остров. Дури и ако глодарите се движат, тие би морале да го минат Магеланскиот Проток за да стигнат до локалните видови – рече Петрина.

„Нултиот пациент“ останува мистерија

И покрај негирањата, аргентинската влада најави дека испраќа тим експерти во регионот за да провери дали има траги од вирусот.

Експертите треба да фаќаат и тестираат глодари од депонијата во Ушуаја, но според Би-Би-Си, два дена по најавата истрагата сè уште не започнала.

Здравствените власти веруваат дека холандски брачен пар, кој подоцна починал, веројатно бил „нултиот пациент“ на бродот.

Службениците сега се обидуваат да го реконструираат нивното патување низ Аргентина, Чиле и Уругвај пред да се качат на бродот MV Hondius.

„Туризмот не смее да биде уништен“

Во Ушуаја расте стравот дека приказната за вирусот може силно да ја погоди локалната економија.

Повеќе од 95 проценти од крстарењата за Антарктикот тргнуваат токму од тоа пристаниште, а туризмот е еден од главните извори на приходи во регионот.

– Работевме напорно на нашите главни пазари и не сакаме нешто вакво да го засени сè што е направено – изјави Хуан Мануел Павлов од Туристичкиот институт Фуегија.

Туристите, сепак, засега не покажуваат паника. Дел од посетителите за Би-Би-Си изјавиле дека продолжиле со патувањата бидејќи во покраината нема потврдени случаи.

Нултиот пар не се заразил во Јужна Америка?

Властите и натаму не можат точно да утврдат каде започнала заразата на MV Hondius.

Чиле и Уругвај веќе соопштија дека холандскиот пар најверојатно не се заразил кај нив, а аргентинските епидемиолози претпоставуваат дека инфекцијата можеби потекнува од друг дел на Патагонија.

И покрај големата истрага, епидемијата и понатаму остава повеќе прашања отколку одговори.

Поврзани содржини