НОВИ ТЕНЗИИ ПРЕД ПОЧЕТОКОТ НА ЕВРОВИЗИЈА Израелскиот радиодифузер доби формално предупредување поради промотивното видео на нивниот претставник

Организаторите на Евровизија издадоа формално предупредување до израелскиот радиодифузер КАН откако промотивните видеа ги охрабруваа гледачите да „гласаат 10 пати“ за претставникот на Израел.

245

 

Во соопштение, директорот на Евровизискиот натпревар, Мартин Грин, рече дека видеата на израелскиот радиодифузер КАН не се во согласност со правилата или духот на натпреварот.

Грин рече дека организаторите биле известени во петок, 8 мај, дека видеа со упатство на екранот „гласајте 10 пати за Израел“ биле објавени од уметникот што го претставува КАН.

– Во рок од 20 минути, контактиравме со делегацијата на КАН за да ги замолиме веднаш да престанат со секаква дистрибуција на видеата и да ги отстранат од сите платформи каде што биле објавени. Тие веднаш дејствуваа и го сторија тоа – рече тој.

Европската радиодифузна унија, која ја организира Евровизија, рече дека упатствата за гласање на натпреварот се главно насочени кон обесхрабрување на големи кампањи финансирани од трети страни.

Се наведува дека се задоволни што овие видеа не биле дел од таква кампања.

– Сепак, директниот повик за акција да се гласа за еден уметник десет пати не е во согласност со нашите правила или духот на натпреварот – се вели во соопштението.

Додадено е дека таквата активност не може да влијае на конечниот резултат поради големиот број гласови и фактот дека 50 проценти од исходот го одредуваат стручни жирија. ЕБУ соопшти дека ќе преземе соодветни мерки доколку таквата практика продолжи.

По предупредувањето, фановите на Евровизија на социјалните медиуми потсетија дека радиодифузерите од Ирска, Исланд, Холандија, Словенија и Шпанија, кои оттогаш се повлекоа од натпреварот, претходно предупредија за можна злоупотреба од страна на израелскиот радиодифузер КАН. Тие го обвинуваат дека го користи натпреварот за политички цели.

Во објавите на социјалните мрежи се тврди дека израелските коментатори во преносите во живо ги повикале гледачите да не гласаат за земјите што го критикувале учеството на Израел.

Поврзани содржини