ГЕРМАНИЈА ВО ШОК, АФД ГО ПРЕЗЕДЕ ВОДСТВОТО Анкетите го тресат Берлин, Мерц без мнозинство

Демохристијаните на Мерц веќе не може да сметаат на сигурна поддршка кај мнозинството избирачи. Германските аналитичари предупредуваат дека земјата влегува во период на сериозна политичка нестабилност.

270

Најновите анкети во Германија покажуваат драматичен пресврт на политичката сцена – десничарската партија АФД (Alternative für Deutschland – AfD) убедливо избива на првото место, додека блокот на канцеларот Фридрих Мерц веќе нема парламентарно мнозинство.

Според резултатите што ги објавуваат германските медиуми, поддршката за АФД продолжува да расте, особено во источните германски покраини, но и меѓу гласачите разочарани од економската состојба, миграциската политика и од цената на енергенсите.

Кога револтот станува политички капитал

Ова е првпат во поновата германска историја една партија од крајната десница толку долго и стабилно да се задржува на врвот на анкетите. Политичкиот шок во Берлин е уште поголем бидејќи владината коалиција предводена од демохристијаните на Мерц веќе не може да смета на сигурна поддршка кај мнозинството избирачи. Германските аналитичари предупредуваат дека земјата влегува во период на сериозна политичка нестабилност.

Податоците покажуваат дека АФД повеќе не е само „протестна партија“. Нејзиниот рејтинг расте веќе неколку години, а особено забрза по енергетската криза, инфлацијата и незадоволството поради големиот број мигранти и азиланти. Дел од гласачите сметаат дека традиционалните партии повеќе не ги слушаат нивните проблеми, а АФД успеа токму тој револт да го претвори во политички капитал.

И социјалдемократите и зелените губат поддршка

Во меѓувреме, демохристијаните на Мерц не успеваат да создадат впечаток дека нудат нова визија за Германија. Иако Мерц беше претставуван како човек што треба да ја врати конзервативната база разочарана од ерата на Ангела Меркел, анкетите покажуваат дека дел од тие гласачи сега директно се прелеваат кон АФД. Особено е чувствително прашањето за миграцијата, каде АФД води многу поагресивна кампања.

Дополнителен проблем за германскиот политички центар е фактот што поддршката за социјалдемократите и зелените продолжува да паѓа. Така се создава атмосфера во која АФД станува најсилниот поединечен политички фактор, иако останатите партии и понатаму одбиваат коалиција со неа. Тоа ја отвора можноста Германија да влезе во период на долги и комплицирани преговори за идни влади.

Контроверзната реторика на АФД

Партијата АФД е основана во 2013 година, првично како евроскептична и антибриселска опција. Но, со текот на времето, таа се трансформираше во силно национал-конзервативно и антиимиграциско движење. Нејзината реторика често предизвикува контроверзии, а германските безбедносни служби делови од партијата ги следат под сомнеж за екстремистички тенденции.

Сепак, и покрај постојаните критики од политичкиот естаблишмент и голем дел од медиумите, АФД успева да ја зголемува поддршката. Политиколозите велат дека причината е едноставна – многу Германци чувствуваат дека економскиот модел на земјата повеќе не функционира како порано. Индустријата се соочува со високи трошоци за енергија, стандардот стагнира, а несигурноста расте.

Генерациски пресврт

Особено интересен е генерацискиот пресврт. Според дел од анализите, АФД веќе не ја поддржуваат само постари и конзервативни гласачи. Партијата бележи раст и кај помладите, особено на социјалните мрежи, каде успешно гради антиелитистички наратив и претставува слика дека е „единствената вистинска опозиција“.

За Европа, ваквите трендови се сериозен аларм. Германија со децении беше симбол на политичка стабилност и центристички консензус. Денес, најсилната економија во ЕУ изгледа политички поделена повеќе од кога било по обединувањето. А растот на АФД покажува дека незадоволството кај европските гласачи повеќе не е маргинален феномен, туку централна политичка сила.

 

Поврзани содржини