ТРОЈЦАТА ПОЛИЦАЈЦИ ОД КОЧАНИ ДОБИЈА УСЛОВНИ КАЗНИ Пријавите ги пишувале на неактивна фирма на Газда Деко

Обвинетиот Александар Темелков, командир на полициската станица Кочани, имал претходни сознанија за тоа кое правно лице ја врши дејноста, но и покрај тоа одобрил поведување постапка против правен субјект кој во тој момент не ја вршел дејноста.

99

Основниот кривичен суд Скопје ги прогласи за виновни за злоупотреба на службената положба сите тројцата полицајци од Кочани и на Кире Богатинов и Горан Лазаров им изрече условна казна затвор од една година, а на командирот на ПС Кочани Александар Темелков – условна казна затвор од две години, која нема да се изврши ако во период од четири години не сторат ново кривично дело.

Судијката Лидија Петровска, во образложението на пресудата рече дека Судот ги ценел како олеснителни околности, тоа што обвинетите не се осудувани претходно, се семејни луѓе, како и тоа што нивните дејствија не резултирале со непосредни штетни последици што би можеле да се доведат во директна причинско-последична врска со пожарот во дискотеката „Пулс“.

– Обвинетите своите службени должности ги извршиле само привидно. Формата била запазена, но суштината изостанала. Формалното постапување, што не води кон резултат, не претставува извршување на должноста, туку нејзино неизвршување. Како последица на ваквото постапување, не била поведена прекршочна постапка против носителот на дејноста и одговорното лице, со што им била овозможена некаква имотна корист во вид на неповедување на прекршочната постапка. Помеѓу неизвршувањето на службената должност од страна на обвинетите и оваа последица постои причинско-последична врска – изјави судијката.

Кога службеното лице, нагласи таа, постапува површно, без целосно утврдување на фактите и без да ја постигне законската цел на постапувањето, тоа не е технички пропуст, туку неизвршување на службената должност.

Обвинетите Кире Богатинов и Горан Лазаров биле задолжителни за спроведување на контролите во угостителските објекти, меѓу кои и во дискотеката „Пулс“, Судот утврдил дека обвинетите постапиле спротивно на јасно пропишани обврски.

– Иако констатирале прекршок, тие не утврдиле кое правно лице ја врши дејноста, ниту кој е одговорното лице во тоа правно лице, бидејќи не извршиле увид во соодветна документација. И покрај тоа, во записниците внеле податоци што не произлегуваат од официјален документ, повикувајќи се на „општо познат факт дека лицето Дејан Јованов е сопственик на дискотеката“. Поради таквиот пристап обвинетите ја насочиле постапка кон правен субјект кој во моментот не ја вршел дејноста и бил неактивен – објасни судијката.

По однос на обвинетиот Александар Темелков кој бил командир на полициската станица Кочани, од изведените докази, судот утврдил дека тој располагал со податок и имал претходни сознанија за тоа кое правно лице ја врши дејноста, бидејќи претходно упатил барање до Министерството за економија и му биле доставени и старата и новата лиценца, од кои документи можело лесно да се утврди кое правно лице е носител на лиценцата, па врз основа на тоа да се прибави и тековната состојба за субјектот кој ја обавувал дејноста.

– Но и покрај тоа обвинетиот Александар одобрил поведување постапка против правен субјект кој во моментот на контролата не ја вршел дејноста, односно барањата не се поднесени према правното лице ДПТУ ММММ Кафе ДООЕЛ Кочани и одговорното лице Митко Стојанов – образложи судијката.

Поврзани содржини