И јас имам сон!

Инспирирано од Martin Luther King Jr.: „I Have a Dream“

82

Понекогаш не ни треба многу за да замислиме подобар живот, доволно е да погледнеме како функционираат уредени општества како Данска, Норвешка, Шведска или Исланд, но и Луксембург и Монако, па да се запрашаме зошто тоа да не биде можно и кај нас. Не како далечен идеал, туку како реална цел.

Ова го пишувам не како критика, туку како искрена мисла, како граѓанин што сака нормален, достоинствен живот во својата држава. Како некој што верува дека подоброто не е недостижно.

Mартин Лутер Кинг имал сон за слобода, рамноправност и основни човекови права. Ние денес имаме држава, имаме слобода, имаме демократија, имаме право на глас и избор и речиси сè друго. Но прашањето не е само што имаме, туку што правиме со тоа. Дали ја користиме слободата за да градиме, или за да се делиме? Дали демократијата ја разбираме како одговорност, или како дозвола за незаинтересираност, неодговорност и јавшлук односно негрижа за заедничкото добро и иднина?

Токму начинот на кој ги користиме овие вредности ја обликува и државата во која живееме. Затоа, уредено општество не се создава само со формални права, туку со нивна доследна примена во секој сегмент од системот, во институциите, во секојдневните одлуки и во однесувањето на секој поединец. Само тогаш правилата стануваат навика, а вредностите реалност.

Во уредено и правично општество, судството не се наведнува пред политичката или финансиската моќ, без разлика дали станува збор за поединец или групација, а сите носители на јавни функции се еднакви пред лицето на правдата. Во таков систем, функцијата не е заштита, туку обврска. Законот не познава привилегирани, а довербата се гради преку отчетност и интегритет. Јавната функција не се доживува како можност за лично збогатување, туку како обврска да се служи. Позиции што и онака носат одговорност, плата и одредени привилегии, не треба да бидат средство за дополнителна корист. Функционерот треба да биде почестен со довербата да работи за народот. Зашто јавната функција не е лична корист, туку јавна обврска.

Во таква средина, власта не се плаши од критика, а опозицијата не постои за да руши, туку за да коригира. Политичката култура не се сведува на конфликти, туку на одговорност, каде пратениците и министрите знаат дека мора да одговараат пред граѓаните, а не пред партиските структури.

Здравството, како едно од најчувствителните прашања, не остава простор за компромис. Никој не треба да чека со месеци за грижа што му е неопходна, ниту да се чувствува како да мора да бара алтернативни патишта за да добие третман. Хипократовата заклетва не смее да биде формалност, туку секојдневна пракса. Таа не треба да биде лична желба или доба воља туку обврска на докторот и медицинскиот персонал. Довербата меѓу пациентот и лекарот не се купува, таа се гради. Системот треба да биде ефикасен и организиран, така што брзината и квалитетот на услугата да не зависи од нечија можност да плати повеќе, туку од потребата и човечкото достоинство.

Економската сигурност е исто така темел на достоинствен живот. Плата што овозможува мирно, достоинствено и безгрижно поминување на месецот не е луксуз, туку основа. Паралелно со тоа, социјалниот систем треба да биде праведен и насочен да им помага на оние на кои им е најпотребно, но и да спречува злоупотреби. Серизен социјален систем врши постајно ажурирање на лицата на кои им е потребна помош и строго ги казнува сите злоупотреби. Солидарноста има вредност само кога оди рака под рака со одговорноста.

Но да не заборавиме дека важен дел е и културата на однесување. Во едно уредено општество одговорноста не доаѓа само од закони и казни, туку и од внатрешно чувство и од односот со луѓето околу нас, колегите, пријателите, заедницата. Кога човек чувствува самопрекор ако не придонесува, но и поддршка да стане подобар, тогаш системот почнува навистина да функционира. Во таква средина, вредностите не се наметнуваат туку тие се живеат.

Чудно е како во други држави лесно прифаќаме ред, правила и одговорност, а во сопствената држава често забораваме на истите тие вредности. Затоа токму тука треба да почне промената, од нас самите. Сведоци сме и на тоа како дисциплината доаѓа дури кога ќе стане неизбежна. Со мерките за безбеден град во Скопје, за кратко време сите почнавме да ги почитуваме правилата, не затоа што одеднаш станавме поодговорни, туку затоа што системот нè потсети на тоа. И тука се наметнува прашањето: зарем таа свест ја немавме и претходно? Дали навистина мора да нè „потсетуваат“ со казни за да го направиме она што веќе знаеме дека е правилно?

Во едно уредено општество, правата и обврските на граѓаните одат рака под рака. Сите граѓани, без разлика на нивната етничка или друга припадност, треба да се чувствуваат рамноправно и почитувано. Но истовремено, таа рамноправност подразбира и заедничка одговорност да се почитува државата, нејзините институции, симболи и обележја (знаме, грб и химна), како и нејзините вредности; државата да се претставува достоинствено и да се гордееме со неа. Да ја чуваме како зеница во окото, да ја градиме камен по камен, а не да ја разградуваме. Зашто само кога сите ја доживуваме како своја, таа може вистински да функционира. И токму од нашиот однос по ова прашање денес зависи дали и идните генерации ќе ја препознаат како своја.

Посебна приказна се младите. Потребна ни е држава што нема да ги губи своите млади, туку ќе ги задржува. Има ли нешто поубаво да живеете во држава во која младите нема да бараат иднина надвор, туку ќе ја гледаат и ќе ја градат дома. Затоа што најголемиот пораз на едно општество не е сиромаштијата, туку заминувањето на оние што можат да го направат животот подобар.

Во сета оваа согледување и преиспитување на објективната слика за нас и нашиот однос често забораваме на нешто суштинско, како на пример за образованието и воспитувањето. Не само формалното, туку и домашното е она што ги гради вредностите уште од најрана возраст. Не можеме да очекуваме функционална држава ако не создаваме генерации што знаат што значи одговорност, почит и заедништво. Менталитетот „да му цркне козата на комшијата“ или уште пострашно ,,нека умре комшијата, за да му ја земам козата“ не носи напредок, туку носи застој поради постоење злоба и завист. Наместо тоа, потребни ни се хуманизам, заедништво и солидарност, чувство дека туѓиот успех не е закана, туку можност за заеднички раст. Не ми е јасно како и каде се загуби поранешниот хуманизам, слога, заедништво и солидарност?

И сето тоа нема смисла без грижа за околината. Чистиот воздух, водата и природата не се луксуз, туку основно право. Екологијата не смее да биде споредна тема, туку приоритет мерка за тоа колку навистина се грижиме за иднината. Држава и мнозинството поединци што не ја чува својата околина, не ја чува ниту својата иднина.

И на крај, не можеме да зборуваме за уредено и праведно општество без да ја отвориме и темата за одговорност на оние што стекнале богатство на сметка на заедницата. Редно е сите ние да се обидеме со сите сили да им ја всаднме филантропијата која најголем дел од нив ја немаат или ја заборавиле и тоа не треба да биде исклучок, туку вредност и обврска за секој од нив. Во зрело општество, оние што имаат повеќе, вложуваат повеќе во образованието, здравството, културата и иднината на сите.

На крајот, прашањето не е дали ова е можно, туку дали сме подготвени и доволно свесни тоа постојано да го бараме. Државата не е апстрактна категорија, таа е одраз на нашите очекувања, нашата толеранција и нашата волја за промена. И затоа, време е да престанеме да мислиме дека сме помалку способни, помалку одговорни, помалку умни и помалку интелигентни, помалку работливи, а повеќе мрзливи од оние во уредените држави.

Она што за некои е реалност, за мене и за многумина денес е сè уште само убав и недосонуван сон. Прашањето е дали ќе продолжиме да сонуваме или конечно ќе почнеме да го создаваме тој свет и тој систем? Ова не е прашање на идеологија, туку на нормалност затоа што уредено, безбедно, сигурно и стабилно општество не му пречи никому.

Ова се само основните темели. Ако ги поставиме правилно, сонот нема да биде далечна слика туку почеток на реалност. Секако, ниту едно општество не е совршено. Но разликата е во тоа дали сакаме да се движиме напред или да стоиме во место.

Од нас зависи.

Поврзани содржини