АИ РАСТЕ ПОБРЗО ОДОШТО МОЖЕ ДА СЕ НАПОЈУВА Гигакомпаниите се туркаат за ресурси, но има ограничување
Експлозивниот раст на вештачката интелигенција ја турка енергетската инфраструктура до крајни граници, особено во САД. Компаниите бараат нови извори, батерии и мрежни решенија, но ѕидот пред нив засега не се пробива лесно.
Вештачката интелигенција троши толку многу електрична енергија што големите технокорпорации веќе се судираат со ограничувањата на мрежата и на компјутерската моќ. Побарувачката за нови центри за податоци расте побрзо од можноста тие да се напојат, пишува Си-Ен-Ен.
Проблемот повеќе не се врти само околу четботови и едноставни алатки. Новата генерација системи оди кон автономни агенти. За нив се потребни многу повеќе чипови, сервери и струја, се вели во написот.
Токму затоа компаниите влегуваат во трка за секој достапен мегават. Центрите за податоци, кои се основа на оваа технологија, бараат огромна енергија и за работа и за ладење. Американската мрежа, според експертите, не е подготвена за таков товар.
„Ги исцрпевме капацитетите на САД“
Системот во САД и натаму е организиран како лабаво поврзана структура од три големи мрежи. Тоа се Источната, Западната и Тексашката мрежа. Таквата поставеност дополнително ја прави ранлива во време на нагла побарувачка.
Експертот за електрификација и центри за податоци Бен Херц-Шаргел оценува дека најдобрите капацитети веќе се исцрпени. Тој предупредува дека компаниите водат остра трка за локации. Според него, пристапот до поголем компјутерски капацитет ќе биде клучен за победата во следната фаза од услугите со вештачка интелигенција.
– Во основа, генерално кажано, ги исцрпивме сите капацитети во САД – рече Херц-Шаргел.
Тој додава дека битката веќе не е само технолошка. Таа станува и енергетска. Оној што ќе обезбеди струја и инфраструктура, ќе има предност во следната рунда.
Решенија постојат, пречките не исчезнуваат
На хартија, опциите се јасни. Поголем развој на обновливи извори, повеќе батерии, повеќе гас и нуклеарна енергија, како и проширување на постојната мрежа. Но секоја од тие насоки се судира со политички и практични пречки.
Најбрзото решение, според експертите, е да се извлече повеќе капацитет од постојната мрежа во САД. Тука спаѓа замената на старите далноводи со линии што носат поголем капацитет. Тоа е побрзо од изградба на целосно нова инфраструктура, која може да трае со години.
Компаниите што градат центри за податоци веќе бараат резервен капацитет каде и да можат да го најдат. Во таа потрага, тие тропаат и на врати на мали снабдувачи и задруги. Тоа покажува колку е стегнат просторот.

Батериите стануваат сè поважни
Обновливите извори често се поевтини и побрзи за изградба од големите гасни турбини. Но и тие имаат проблеми. Роковите за дозволи се продолжуваат, а дел од даночните поттикнувања се укинати, што ги прави проектите поскапи.
И покрај тоа, дел од аналитичарите очекуваат овој сектор и натаму да расте. Причината е едноставна. Побарувачката за струја е толку голема што без нови извори тешко ќе се одржи темпото на технолошката експанзија.
Во таа равенка батериите стануваат сè поважни. Тие не се само додаток на ветерот и на сонцето. Тие стануваат тампон меѓу центрите за податоци и мрежата, особено кога наглата потрошувачка може да предизвика прекини и оштетувања.
Нуклеарната фузија никако да стигне
Компаниите за вештачка интелигенција вложуваат и во технологии што до вчера звучеа футуристички. Сем Алтман ја поддржува компанијата Хелион Енерџи, која тврди дека до 2028 година би можела да го снабдува Мајкрософт со струја од нуклеарна фузија. Гугл, пак, влезе во партнерство со Commonwealth Fusion Systems.
Овие проекти носат големи ветувања. Но клучното прашање останува исто. Дали навистина може да се произведе повеќе енергија отколку што се троши за да се добие таа енергија, и дали таква машина може да работи стабилно.
Дотогаш, индустријата ќе мора да живее со тесното грло. Вештачката интелигенција напредува побрзо од мрежата. Токму тука се појавува ѕидот за кој сè погласно зборуваат и технолозите и енергетичарите.
Белата куќа го игнорира апелот на компаниите
Мајкрософт, Амазон, Алфабет и Мета ги зголемуваат инвестициите во центри за податоци и во извори на енергија. Тие сметаат дека идните производи ќе бараат уште поголема потрошувачка. Затоа вложуваат однапред, иако мрежата веќе покажува слабости.
ОпенАИ, компанијата која стои зад Чат ГПТ, минатата година ја предупреди Белата куќа дека се отвора „енергетски јаз“. Компанијата оцени дека тоа може да го загрози американското лидерство во вештачката интелигенција. Во таа дебата се појави и пораката дека „електроните се новата нафта“.
Илон Маск, кој стои зад xAI, Тесла и Спејс Икс, претходно изјави дека наскоро ќе се произведуваат повеќе чипови отколку што може да се приклучат на мрежата. Тоа значи дека проблемот не е само во фабриките.
Проблемот е и во тоа што системот нема каде да ја насочи новата моќ.