КОМПАНИЈАТА ХИП ТВРДИ ДЕКА Е ЖРТВА НА УЦЕНА Полицијата работи на случајот, но бидете внимателни и слушајте го звукот при отварањето на тегличките

Компанијата HiPP испрати соопштение со нови информации во врска со кашичките за бебиња во кои беше пронајден отров за стаорци, случај кој деновиве ја вознемири јавноста во неколку европски земји. Станува збор за теглички со храна за бебиња во Австрија, Чешка и Словачка.

137

Откако германскиот гигант за бебешка храна „ХиПП“ (HiPP) се најде среде голем скандал кој ги вознемири родителите ширум регионот, откако во тегличка со храна за бебиња купена во Австрија беше најден  смртоносен отров за стаорци, компанијата издаде ново соопштение.

– HiPP е жртва на уцена. Во врска со веќе познатиот случај на манипулација со HiPP стакленки со храна за бебиња во Австрија, Чешка и Словачка, сакаме да споделиме нови информации.

Уценувачот испратил електронска порака на неперсонализирано, заедничко, сандаче (маил), кое се проверува во подолги интервали како дел од нашите стандардни процедури. Веднаш по добивањето на оваа информација, без одложување ги известивме надлежните полициски органи и формиравме интерен кризен тим. Презедовме итни мерки со цел заштита на потрошувачите. Во постојана и тесна координација и соработка сме со надлежните институции, вклучително и во делот на комуникацијата – се вели во соопштението од компанијата.

Тие нагласуваат дека овој инцидент во никој случај не е поврзан со квалитетот на производот.

– Процесите на производство, квалитет и контрола на HiPP продолжуваат да се спроведуваат во целост и без никакви ограничувања. Ова е криминална надворешна манипулација надвор од нашата област на влијание на трите споменати пазари. Немаме сознанија за какви било дополнителни манипулации – додаваат тие и бараат разбирање затоа што во моментов можат да соопштат само информации што се проверени и официјално одобрени од надлежните органи, во интерес на истрагата.

HiPP, исто така, дава општи препораки за клиентите.

– Без оглед на овој конкретен случај, следново важи и за HiPP и за храната за бебиња воопшто: Секогаш проверувајте дали пакувањето е неоштетено, обрнете посебно внимание на зачуваниот вакуумски печат на теглите (карактеристичниот „клик“ при отварањето), не користете производи што покажуваат неправилности (на пример, променет или непријатен мирис на содржината)“, заклучуваат тие.

Истрагата е во тек, а полицијата трага по уценувачот кој ги стави најмалите во смртна опасност.

Поврзани содржини