НЕЛЕГАЛНИТЕ ЦАРИНИ НА ТРАМП ЌЕ ГИ ЧИНАТ САД ПОВЕЌЕ ОД 166 МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ Тужби поднеле 3.000 компании
Според одлуката на судот само компаниите кои официјално платиле царински давачки, главно увозници и големи корпорации, имаат право да поднесат барање.
Повеќе од 166 милијарди долари царини прифати да врати на компаниите администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, откако Врховниот суд пред два месеца пресуди дека претседателот нема законско овластување да ги наметне.
Администрацијата лансираше и дигитален систем за обработка на барања наречен „Кејп“ кој како што е соопштено ќе обработи околу 63% од засегнатите увозни декларации, според судските поднесоци, а останатите ќе бидат пуштени во употреба подоцна.
Се претпоставува дека повеќе од 3.000 компании веќе ја тужеле администрацијата за да обезбедат враќање на средства, а некои започнале постапки дури и пред пресудата на Врховниот суд, што покажува колку е уверена деловната заедница во исходот од спорот.
Меѓу најпознатите тужители се Skechers, Revlon, Toyota, Nintendo of America, FedEx и Costco.
Според одлуката на судот само компаниите кои официјално платиле царински давачки, главно увозници и големи корпорации, имаат право да поднесат барање. Сепак, системот во првата фаза има одредени ограничувања. Тој целосно ќе ги обработува само барањата поврзани со увозот што сè уште не е оцаринет или е оцаринет во последните 80 дена. Компаниите чии стоки се предмет на правни спорови, антидампинг истраги или други царински постапки што се во тек сè уште нема да можат да поднесат барање
Тие можат да очекуваат дека ќе поминат помеѓу 60 и 90 дена од поднесувањето на документацијата до Царинската и граничната заштита до исплатата на парите на сметката.
Граѓаните кои имале трошок преку повисоки цени на производите, од електроника до облека, немаат право на директна компензација.
Дали обичните Американци ќе почувствуваат каква било корист зависи исклучиво од компаниите кои ќе добијат враќање на средства.
FedEx изјави дека ќе го проследат враќањето на средствата до клиентите за кои ја транспортирале стоката, бидејќи тие ги сноселе првичните трошоци за царински давачки. „Костко“ навести дека можеби ќе ги намали цените, ако добие поврат на средствата, но некои клиенти веќе го тужат синџирот бидејќи не се убедени дека нејасното ветување за поевтина стока е доволно.
Врховниот суд пресуди во февруари дека законот за вонредни состојби од 1977 година, на кој се повика Трамп, не дава толку широки овластувања за наметнување царини.