ДАЛИ ЕЛИСА СПИРОПАЛИ ЌЕ БИДЕ „АЛБАНСКИОТ ПЕТЕР МАЃАР“? Поранешната шефица на дипломатијата отвори фронт против Еди Рама

Еди Рама веќе подолго време е предмет на контроверзии. Неговото владеење, кое трае повеќе од една деценија, често се опишува како централизирано и силно персонализирано. Дали му се заканува криза?

573

Политички земјотрес се наѕира во Тирана. Елиса Спиропали, до неодамна една од најмоќните фигури во владејачката Социјалистичка партија, јавно го доведе во прашање моделот на владеење на премиерот Еди Рама, анализира Independent Balkan News Agency (IBNA), регионална новинска агенција која покрива политички, економски и општествени теми од Југоисточна Европа, односно од Балканот.

Пораката на Спиропали е директна и алармантна – институциите, според неа, постепено се претвораат во алатки за контрола и притисок, наместо да функционираат како независни столбови на демократијата.

Критиката на Спиропали е жестока

Оваа критика не доаѓа од опозицијата, туку од „внатре“ – од човек кој со години бил дел од самиот врв на системот. Спиропали беше претседателка на парламентот и министерка за надворешни работи, што им дава тежина на нејзините зборови и ја прави ситуацијата политички чувствителна.

Според анализи во албанските медиуми, нејзиниот настап не е изолиран инцидент, туку симптом на подлабоко незадоволство во рамки на владејачката структура. Таа отворено зборува за ерозија на институционалниот легитимитет и за отстапување од внатрепартиската демократија – теми кои досега ретко се артикулираа од функционери на Социјалистичката партија.

Токму затоа медиумите и аналитичарите ја споредија со Петер Маѓар – фигурата која од внатрешноста на системот во Унгарија стана симбол на отпорот против владејачкиот модел. Во албански контекст, таа споредба има силна симболика: пораката е дека и во системи со долготрајна доминација на една политичка елита може да се појави внатрешен предизвик.

Што му се става на товар на Еди Рама?

Самиот Рама веќе подолго време е предмет на контроверзии. Неговото владеење, кое трае повеќе од една деценија, често се опишува како централизирано и силно персонализирано.

Таканаречениот „рамизам“ се темели на силна извршна власт и брзи реформи, но критичарите предупредуваат на слабеење на институционалните контроли и на растечки притисок врз медиумите и јавниот сектор.

Дополнително, последните потези на владата отворија нови дилеми. На пример, иницијативата да се ограничи улогата на судството во суспендирањето на министри под истрага беше протолкувана како обид за политичко влијание врз правосудниот систем, што предизвика критики и дома и во меѓународната јавност.

Албанија ионака се наоѓа во деликатна фаза. Земјата е кандидат за членство во Европската унија, а реформите во владеењето на правото и борбата против корупцијата се клучни услови за напредок. Во таков контекст, секој сигнал за институционално назадување има многу поголема тежина – не само политичка, туку и геополитичка.

Може ли ова да биде најава на политички земјотрес во Тирана?

Во оваа равенка, настапот на Спиропали може да се чита како предупредување, но и како потенцијален почеток на нов политички процес. Таа веќе во свои јавни изјави укажуваше дека европските општества имаат капацитет да ги „коригираат девијациите“ во власта, алудирајќи дека истото може да се случи и во Албанија.

Прашањето е дали ова ќе остане изолиран глас или ќе се претвори во пошироко движење. Историјата на Балканот покажува дека токму ваквите „внатрешни бунтови“ често се првиот знак дека политичкиот систем влегува во фаза на трансформација.

Во меѓувреме, Тирана влегува во нова фаза на неизвесност. Ако Спиропали навистина стане „албанскиот Маѓар“, тогаш политичката сцена во земјата би можела да се соочи со најсериозниот предизвик за власта на Рама во последната деценија.

Поврзани содржини