СУРОВА СМРТ НА 49 ЛУЃЕ ВО САХАРА Им се расипал камионот, умреле од жед
Починатите Нигеријци се враќале кон Нигер по верски фестивал во Мали, а камионот со кој патувале се расипал во оддалечен дел од пустината. Со денови се обидувале да го поправат возилото.
Во пустината Сахара, на територијата на Нигер, починаа 49 луѓе од жед, соопштија локалните власти.
Сите починати се државјани на Нигер. Трагедијата се случила откако им се расипал камионот со кој патувале, во оддалечен дел од пустината.
Групата се враќала од Мали по муслимански верски празник. Камионот се расипал на повеќе од 80 километри западно од пограничното место Асамака, во област каде речиси нема населени места, вода или комуникации.
Според властите, возачот, неговите помошници и патниците со денови се обидувале да го поправат возилото, но без успех. Во меѓувреме им се потрошила водата. Температурите биле екстремно високи, а околу нив немало извори на вода или населби.
Само двајца преживеале. Тие пешачеле повеќе од 50 километри низ пустината додека не стигнале до вода, а потоа до Асамака, каде ги известиле властите.
Кога спасувачките екипи стигнале на местото, нашле тела околу камионот и во неговата сенка. Жртвите биле погребани во масовни гробници во пустината.
На враќање од спасувачката операција, екипите наишле на уште еден расипан камион со повеќе од 60 луѓе, кои исто така биле заглавени во пустината 3 дена. За среќа, тие биле пронајдени навреме и добиле вода.
Во многу делови од Сахара температурите летно време надминуваат 45, па 50 степени Целзиусови.