АКО САД ПРОДОЛЖАТ СО НАПАДИТЕ, ИРАН ЌЕ ЈА ПРОШИРИ ВОЈНАТА И ДО МЕДИТЕРАНОТ Враќањето на замрзнатите 24 милијарди долари е услов за мир
Топката е во дворот на американскиот претседател Доналд Трамп, рече воениот советник на иранскиот ајатолах, Мохсен Резаи, во интервју за Си-Eн-Eн.
Преговорите помеѓу Иран и САД се во застој, а може да ги откочи американскиот претседател Доналд Трамп, рече воениот советник на иранскиот ајатолах, Мохсен Резаи.
– Топката е во дворот на Трамп – истакна Резаи интервју за Си-Eн-Eн.
Тој посочи дека евентуален мировен договор помеѓу Техеран и Вашингтон зависи од тоа дали САД ќе ги ослободат 24-те милијарди долари замрзнат ирански имот.
Иран бара ослободување на 12 милијарди долари замрзнати средства веднаш по потпишувањето на привремен договор, а дополнителни 12 милијарди долари во подоцнежна фаза.
– Ако тој сака да постигне договор со Иран, овие 24 милијарди долари се тест за довербата што Иран сака да ја воспостави со Трамп. Тоа е тест што Америка мора да го положи, по што ќе се отвори патот. Тоа се наши пари, а не американски пари – наведе Резаи.
Тој предупреди дека ако САД го продолжат судирот, Иран „ќе ја прошири војната“ од Ормускиот Теснец до Индискиот Океан, теснината Баб ел Мандеб, Црвеното Море и до Медитеранот.
– Ќе ѝ дадеме на војната друга димензија со напаѓање на други американски бази, покрај оние што веќе ги нападнавме – истакна Резаи.
Сепак, додае тој, мала е можноста за војна.
Тој повтори дека Иран и Оман го имаат суверенитетот врз Ормускиот Теснец.
Резаи како припадник на Револуционерната гарда се бореше во Иранско-ирачката војна и ја предводеше ИРГЦ од 1981 до 1997 година. Тој подоцна се приклучи на Советот за претпазливост, кој го советува врховниот лидер.
Тој четири пати неуспешно се кандидираше за претседател на Иран.
Иранската морнарица денеска истрела предупредувачки ракети и беспилотни летала кон американски воени бродови во Оманскиот Залив, објавија иранските медиуми, обвинувајќи ја американската армија за попречување на поморскиот сообраќај и запленување товарни бродови и танкери.
Претходно, американската Индо-пацифичка команда соопшти дека американските сили синоќа го пресретнале санкционираниот танкер Давина во Индискиот Океан.
„Ќе продолжиме со нашето глобално поморско спроведување на санкциите за да ги прекинеме нелегалните мрежи и да ги запреме бродовите што обезбедуваат материјална поддршка за Иран, каде и да дејствуваат“, објави Командата за Блискиот Исток на платформата Икс.