ИВАНКА ТРАМП КРЕНА УШТЕ „ПРАШИНА“ ЗА ОСТРОВОТ ВО АЛБАНИЈА „Приватен е, случајно го најдовме“
Ќерката на американскиот претседател боруваше за луксузниот проект во Албанија чиј инвеститор е нејзиниот сопруг, додека обвинителството ја проверува инвестицијата, а протестите не стивнуваат.
„Приватен остров“.
Токму така Иванка Трамп го опиша албанскиот остров Сазан во подкастот на Дејвид Сена, каде што зборуваше за проектот што го развива нејзиниот сопруг Џаред Кушнер.
Изјавата предизвика нови реакции во Албанија, каде што веќе неколку дена траат протести против изградбата на луксузен туристички комплекс вреден околу 1,5 милијарди долари.
„Случајно го откривме“
Во разговорот, Иванка Трамп рекла дека таа и Кушнер „случајно го откриле“ островот Сазан.
Таа емотивно зборувала за проектот и за плановите за развој на луксузен комплекс на јадранскиот остров.
Албанските медиуми оценуваат дека ваквите изјави дополнително ја разгореле дебатата околу проектот, кој веќе подолго време е под лупа на јавноста.
Оценката на Иванка, пак, се совпаѓа со неодамнешната изјава на премиерот на Албанија Едир Рама кој рече дека островот е откупен од приватен сопственик и дека не бил државно земјиште, а дека ѝ служел на армијата само во времето на Енвер Хоџа.
Истрага и протести
Коментарите на Иванка Трамп доаѓаат во момент кога албанското обвинителство за борба против корупцијата води истрага поврзана со проектот.
Паралелно, во Тирана и во областа Валона се одржаа протести против изградбата.
Демонстрантите бараат преиспитување на одлуките што овозможија реализација на проектот и предупредуваат на можни последици врз природата и биодиверзитетот.
Дел од протестите следуваа по судири меѓу локални жители и приватно обезбедување на теренот.
За што станува збор?
Проектот е поврзан со компанијата „Афинити Партнерс“, зад која стои Џаред Кушнер. Планот предвидува изградба на луксузен туристички комплекс на островот Сазан и во пошироката област кај Валона.
Албанската влада го поддржува проектот како голема странска инвестиција и можност за развој на туризмот.
Критичарите, пак, тврдат дека станува збор за чувствително подрачје кое мора да остане заштитено и достапно за јавноста.