📷 СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА КАЈ РЕЏЕП ТАИП ЕРДОГАН „Турција секогаш била наш близок пријател“

Двајцата претседатели потпишаа Заедничката политичка декларација за формирање Совет за соработка на високо ниво.

167

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска во Истанбул оствари билатерална средба со претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, на којашто беше констатирано дека македонско-турските односи се одликуваат со силно пријателство, доверба и континуирана меѓусебна поддршка.

Најпрво, претседателката изрази сочувство до претседателот Ердоган за жртвите во вчерашното пукање во средното училиште во Турција, посакувајќи побрзо закрепнување на настраданите. Турција секогаш била наш близок пријател и укажувала помош во најтешките моменти, како трагедијата во Кочани и се солидаризираме со турскиот народ, рече Сиљановска-Давкова.

На средбата со Ердоган, таа посочи дека преку своите институции и компании: од ТИКА, којашто имплементираше 1.320 проекти, до училиштата „Маариф”, Турскиот културен центар „Јунус Емре”, „Туркиш ерлајнс”, „Халкбанк”, Турција е присутна во многу области на македонското општество.

Двајцата претседатели потпишаа Заедничката политичка декларација за формирање Совет за соработка на високо ниво, која отвора можност за подинамична и поструктурирана билатерална соработка, што ќе резултира со одржување на прва меѓувладина седница.

На средбата се разговараше за статусот на турската заедница во општествениот и политичкиот живот низ призма на правичната и соодветна застапеност, како и за функционирањето на дел од образовните институции.

Сиљановска-Давкова упати покана до претседателот Ердоган за официјална посета на земјата.

Претседателката престојува во Турција по повод учеството на 5. Дипломатски форум во Анталија.

 

Поврзани содржини