СТАРИ ЧОВЕЧКИ КОСКИ ОСТАВЕНИ ВО ВРЕЌА НА ПАТЕКА ВО БУТЕЛ!? И одамна починатите заслужуваат достоинствен третман
„Ги допревме со раце, мислевме дека е градежен материјал. И во тој момент сфативме што има внатре... човечки коски“, пишува Апостоловска во објавата, која предизвика бројни реакции, но не и од надлежните.
Скопјанка и нејзиниот малолетен син, за време на посета на Градските гробишта Бутел на вториот ден на Велигден, наишле на вреќа со човечки коски, оставени на патека. Во близина имало и свежо прекопан стар гроб, најверојатно екхумиран по истекот на законскиот рок од 10 години, доколку не се плаќа гробарина, од каде веројатно потекнувале коските. Наоколу немало никој од вработените во погребното претпријатие АД Бутел, да објасни од каде се коските и што се прави со нив.
Скопјанката Амела Мемиш Апостоловска, дипломиран психолог и мајка на две деца, го објави своето вознемирувачко искуство на Фејсбук, и предизвика бројни реакции во јавноста. Таа е посебно иритирана што човечките коски биле едноставно фрлени во бела вреќа „обележани само со број, без име, без достоинство“.
Во објавата, Апостоловска наведува дека додека била со своите деца на гробот на својот татко, нејзиниот син се сопнал од бела вреќа оставена во непосредна близина на гробното место.
Првично помислиле дека станува збор за градежен материјал, но при обид да ја тргнат вреќата, сфатиле што има во неа.
„Ги допревме со раце, мислевме дека е градежен материјал. И во тој момент сфативме што има внатре… човечки коски“, пишува Апостоловска во објавата.
Во своето сведоштво таа укажува дека и покрај законските процедури за ексхумација по одреден временски период, тие подразбираат достоинствено постапување со останките.
„Ниту еден закон не дозволува човечките останки да бидат оставени на патека и да бидат изложени пред деца и семејства“, наведува Апостоловска, додавајќи дека ваквата состојба не може да се оправда како „нормална процедура“.
Во објавата таа поставува и директни прашања до надлежните: „Дали ова е начинот на кој се постапува со мртвите? Кој го дозволил ова? Каде е контролата?“, барајќи одговорност и реакција.
Под објавата следуваа бројни коментари од граѓани, кои изразуваат револт и повикуваат на институционална постапка. Дел од нив оценуваат дека станува збор за „срам, непочит и некултура“, додека други бараат случајот да биде пријавен и испитан од надлежните органи.
За наводите изнесени во објавата засега нема официјална реакција од надлежните институции.