МАКЕДОНСКИ РАКОМЕТНИ СУДИИ СУСПЕНДИРАНИ НА ДВЕ ГОДИНИ Начевски и Николов манипулирале со видео снимки од фитнес тест – тврди ЕХФ

Двајцата судии се суспендирани од извршување на каква било функција во рамките на ЕХФ и учество во какви било активности на ЕХФ во период од две години, а секој од нив мора да плати по 5.000 евра.

521

Македонските ракометни судии Ѓорѓи Начевски и Славе Николов од страна на Европската ракометна федерација добија суспензија од две години, а ќе мора да платат и 5.000 евра парична казна поради манипулација со фитнес тестовите пред стартот на последното Европско првенство за мажи.

„Ракометниот суд на ЕХФ донесе одлука во случајот отворен против македонскиот судиски пар Ѓорѓи Начевски и Славе Николов.






Пред машкото ЕХФ ЕВРО 2026, ЕХФ ја повлече номинацијата на двајцата судии од Северна Македонија поради наводна манипулација со прикачените видео снимки од таканаречениот „Multistage Fitness Test“.

Врз основа на анализата на партнерот за интегритет на Европската ракометна федерација „Спортрадар“, Ракометниот суд на ЕХФ дојде до заклучок дека спорните видеа биле манипулирани и затоа ги изрече следните санкции.

Двајцата судии се суспендирани од извршување на каква било функција во рамките на ЕХФ и учество во какви било активности на ЕХФ во период од две години од датумот на првостепената одлука поради сериозно неспортско однесување.

Секој судија мора да плати казна од 5000 евра за фундаментални прекршувања на Кодексот на однесување на ЕХФ. Жалба може да се поднесе до Апелациониот суд на ЕХФ во рок од седум дена“ – се вели во соопшението на ЕХФ.

Начевски и Николов изминативе десетина години важеа за најдобрата судиска двојка во Европа и во светот со отсудени многу меѓународни натпревари во Лигата на шампионите, Европски првенства, Светски првенства и Олимписки игри.

Поврзани содржини