ВЕНС ГО ОБВИНИ ИРАН ЗА ЕКОНОМСКИ ТЕРОРИЗАМ Растат тензиите во Ормускиот Теснец, најавена е поморска блокада
Американскиот потпретседател најави засилен економски притисок по неуспешните преговори.
Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс го обвини Иран за „економски тероризам“ и најави дека САД ќе одговорат на ист начин преку поморска блокада.
– Она што го прави Иран е чин на економски тероризам против целиот свет. Му се заканија на секој брод што поминува низ Ормускиот Теснец. Претседателот покажа дека двајца може да ја играат играта. Ако Иран спроведува економски тероризам, ние ќе се држиме до едноставното начело – нема да помине ниеден ирански брод – изјави Венс за „Fox News“.
Тој истакна дека Вашингтон сака да го зголеми економскиот притисок врз Техеран.
– Знаеме дека ова за нив е голема работа. Знаеме дека создава дополнителен притисок. Претседателот сака иранскиот народ да напредува, но топката сега е во нивниот двор – посочи Венс, нагласувајќи дека преговорите донеле одреден напредок, но дека останува да се види дали ќе биде постигнат конечен договор.
САД вчера, по неуспешните преговори за време на викендот во Пакистан, почнаа поморска блокада на иранските пристаништа и сообраќајот поврзан со Иран. Американската команда предупреди дека бродовите што ќе се обидат да влезат или да ја напуштат блокираната област без овластување може да бидат пресретнати, пренасочени или запленети.
Блокадата дополнително ги зголемува тензиите во Ормускиот Теснец, низ која минува околу една петтина од светската нафта.
Иран се закани со одмазда и предупреди на последици врз глобалната економија, а аналитичарите предупредуваат дека ситуацијата би можела да ескалира во поширок поморски конфликт доколку има директен контакт меѓу американските и иранските сили.