4иГ УПЛАТИЛЕ 9 МИЛИОНИ ЕВРА И СТЕКНАЛЕ ПРАВО ЗА ТРЕТ МОБИЛЕН ОПЕРАТОР Мицкоски му одговори на СДСМ дека живее во земјата на лагите и конструкциите

350

СДСМ во изминатиот период, најблаго кажано, живее според „Алиса во земјата на чудата“. Јас повеќе тоа би го класифицирал како „СДСМ во земјата на лагите и конструкциите“, истакна премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање во однос на обвинувањата на СДСМ и најавите за ревизија на парите дадени од Унгарија за телекомуникации, енергетика и медиуми.

Тој потсети на изјавите на СДСМ од изминатата година, во кои од таму тврдеа дека државата ќе банкротира и оти во април ќе дошле мигранти.






– Не банкротиравме. Напротив, ја завршивме со еден од најдобрите пет економски резултати во Европа според раст на бруто-домашниот производ. Потоа ја лажеа јавноста дека во април ќе дошле мигранти, еве во средина на април сме, мигранти јас сè уште не видов во Македонија – истакна Мицскоски.

За тврдењата на СДСМ дека државата ќе банкротира, премиерот посочи дека пензионерите и вработените што добиваат плата од Владата на 1 април добиле повисока плата и првпат се постигнале историски договори со синдикатите УПОЗ и САДУ за вработените во државната администрација.

– Многупати до сега СДСМ кажуваше работи што можеби звучеа интересно за ушите на одредена јавност, но во суштина ништо не се случуваше и немаше апсолутно никаков ефект во рамките на државата. Па, така, очекувам и овој пат, слободно тие може да си бараат, ќе си добијат сè што може институциите да им дадат како параметар – изјави Мицкоски.

Во однос на обвинувањата за инвестициите во телекомуникациите, тој појасни дека се работи за јавна постапка во која Агенцијата за електронски комуникации објавува повик и на тој повик имаат право да се пријават сите оние што се заинтересирани да добијат лиценца за мобилен оператор.

– Компанијата 4иГ, која е партнер со германската „Раинметал“ и со „Спејс икс“ на Илон Маск, уплати веќе 9 милиони евра и го стекна правото да биде трет мобилен оператор. Вистинското прашање е зошто во времето на СДСМ и ДУИ немаше трет мобилен оператор и зошто во тоа време македонските граѓани плаќаа најскапи цени за мобилните услуги? Тоа е вистинското прашање, а ваква транспарентна постапка може слободно во кое било време да си побараат од Агенцијата за електронски комуникации. Сигурен сум дека во една таква транспарентна постапка тие ќе им одговорат, а друг тип унгарски инвестиции, како што споменувате, енергетика и слично, барем јас не сум запознаен, иако ќе бидат добродојдени доколку дојдат и доколку бидат во согласност со стандардите, законите и Уставот на Македонија – изјави Мицкоски. 

Поврзани содржини