УРАНИУМОТ Е КЛУЧНИОТ ТРН ВО ОКО ВО ДОГОВОРОТ Иран понудил 5, САД бараат 20 години пауза
Клучниот спор меѓу Вашингтон и Техеран е времетраењето на суспензијата на збогатувањето ураниум за Иран. Првичната рунда преговори пропаднаа, но е најавена нова рунда додека истекува двонеделното примирје.
Клучниот спор во преговорите меѓу САД и Иран е периодот во кој Техеран треба да го запре збогатувањето на ураниум, прашање што директно ја блокира можноста за договор и ја држи кризата отворена, пишува „Њујорк Тајмс“.
Во 21-часовните преговори во главниот град на Пакистан, Иран предложил суспензија на ураниумот од 5 години, додека САД инсистираат на многу подолг рок од 20 години, што создава огромен јаз меѓу двете позиции.
– Побаравме 20-годишна суспензија – изјавил американскиот потпретседател Џеј Ди Венс за преговорите кои завршија без резултат.
Иран го збогатува и складира ураниумот во неколку клучни нуклеарни постројки, меѓу кои Натанз и Фордо, каде што се одвива главниот процес на збогатување. Исфахан, пак, служи како центар за подготовка и конверзија на ураниумот пред да биде испратен во овие објекти. Дел од операциите се одвиваат под земја.
Овие локации беа гранатирани од САД пред да стапи примирјето.
„До раните утрински часови во неделата, останале 3 главни точки на спор во преговорите, според двајца ирански функционери запознаени со разговорите: повторното отворање на Ормускиот Теснец, судбината на речиси 400 килограми високо збогатен ураниум и барањето на Иран да му бидат ослободени околу 27 милијарди долари замрзнати средства во странство“, пишува „Њујорк Тајмс“.
Според написот, американскиот претседател Доналд Трамп ја отфрлил понудата на Иран за пауза од 5 години, по што Вашингтон премина на поостри мерки и во понеделникот започна блокада на Ормускиот Теснец. Иран се закани со одмазда.
Блокадата има за цел да го спречи Иран да профитира од извозот на нафта и да го натера да ги прифати условите на САД, што дополнително ја заострува ситуацијата во регионот.
Се вели и дека САД побарале Иран веднаш да го отвори Теснецот и дека Иран одбил.
Во исто време, Техеран испраќа остри пораки дека нема да отстапи под притисок.
– Ќе воведеме нови методи на војување – порачаа од Револуционерната гарда.
Иранската војска предупреди дека ниту едно пристаниште во Персискиот Залив и Оманското Море нема да биде безбедно доколку се загрозат интересите на Иран.
И покрај блокдата најмалку еден кинески танкер успеа да помине низ Ормускиот Теснец. Се работи за бродот „Рич Стари“, кој е под санкции на САД.
Контролата врз Теснецот останува нестабилна и неизвесна. Овој поморски пат е една од најважните точки за глобалната енергетика, бидејќи преку него минува околу петтина од светската нафта.
Европските лидери одбија да ја поддржат идејата за блокада, стравувајќи од дополнителна ескалација и економски последици.
Цените на нафтата повторно надминаа 100 долари за барел, а берзите паднаа, бидејќи се очекува неуспешните преговори и блокадата дополнително да ја нарушат глобалната економија.
Медумите пишуваат дека Пакистан повторно се нуди да посредува втора рунда преговори во Исламабад или на локацијата за која ќе одлучат Вашингтон и Техеран.