КРЕМЉ ЗАСЕГА НЕ ГИ ПРОДОЛЖУВА ПРЕГОВОРИТЕ ЗА МИР ВО УКРАИНА Посетата на пратеникот на Путин на Вашингтон е за економски прашања меѓу Русија и САД
Песков рече дека мировните преговори се одложени поради настаните на Блискиот Исток и додаде дека Русија сака вистински мировен договор, а не само прекин на огнот.
Посетата на специјалниот пратеник на рускиот претседател Владимир Путин за инвестиции, Кирил Дмитриев, на САД не значи дека преговорите за евентуален мировен договор во Украина продолжиле, соопшти денеска Кремљ..
Дмитриев се сретна со членови на администрацијата на претседателот Доналд Трамп во Вашингтон за да разговараат за мировниот договор и за економската соработка меѓу САД и Русија.
– Кирил Дмитриев не преговара за решение во Украина и ова не е продолжение на преговорите. Дмитриев ја предводи групата за економски прашања и продолжува да работи во рамките на оваа група – изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Во четвртокот Путин објави 32-часовен прекин на огнот во Украина за време на православниот христијански празник Велигден, а украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека Киев ќе го почитува примирјето.
Песков рече дека мировните преговори се одложени поради настаните на Блискиот Исток. Додаде дека велигденскиот прекин на огнот е хуманитарен по природа и дека Русија сака вистински мировен договор, а не само прекин на огнот.
– Како што рековме многупати, и како што рече претседателот Путин, ние не сакаме прекин на огнот, ние сакаме мир, траен, одржлив мир – рече Песков.