ОРБАН ПРЕДУПРЕДУВА ДЕКА ОПОЗИЦИЈАТА ПОДГОТВУВА НЕМИРИ ПО ИЗБОРИТЕ Маѓар повикува на смиреност

Ова е организиран обид преку хаос, притисок и меѓународна дискредитација да се доведе во прашање одлуката на унгарскиот народ, вели унгарскиот премиер Виктор Орбан.

138

На два дена пред парламентарните избори во Унгарија, премиерот Виктор Орбан ја обвини конзервативната опозиција, предводена од Петер Маѓар, дека подготвува немири во случај на пораз.

– Нашите противници нема да застанат пред ништо – рече Орбан во видеопорака „до сите Унгарци“, објавена на неговата страница на Фејсбук.






Тој тврди дека опозицијата соработува со странски разузнавачки служби и дека уште пред пребројувањето на гласовите  ќе организира протести и немири.

– Ова е организиран обид преку хаос, притисок и меѓународна дискредитација да се доведе во прашање одлуката на унгарскиот народ – додаде Орбан.

Орбан, кој 16 години е на власт, се соочува со неизвесни избори в недела. Некои анкети покажуваат дека неговата партија Фидес може да биде поразена од партијата Тиса на Маѓар.

Во пресрет на изборите, Маѓар вети расчистување со, како што ја опишува, полуавторитарната политика на Орбан. Тој порано беше член на Фидес, но ја напушти партијата пред нешто повеќе од две години.

Тој возврати со свое видео на Фејсбук, повикувајќи ги поддржувачите да не подлегнуваат на провокации и да останат мирни.

Маѓар изрази уверување дека Орбан ќе биде поразен од милиони гласачи кои порано го поддржувале, но сега се чувствуваат „разочарани и изневерени“, и го повика премиерот да го прифати резултатот „со смиреност и со достоинство“.

Поврзани содржини