ЗА ТРИ НЕДЕЛИ ЌЕ СНЕМА АВИОНСКО ГОРИВО ВО ЕВРОПА Европските аеродроми пред системски недостиг на керозин
Меѓународниот совет на аеродроми предупредува дека залихите на гориво се намалуваат и ако не се воспостави стабилен премин низ Ормускиот Теснец, недостигот би можел да стане реалност низ целата Европска Унија.
Европските аеродроми би можеле да се соочат со системски недостиг на авионско гориво доколку пловидбата низ Ормусиот Теснец не се нормализира во следните 3 недели, предупреди Меѓународниот совет на аеродроми, АЦИ Европа (Airports Council International).
Во писмото упатено до европскиот комесар за транспорт Апостолос Цицикостас, организацијата наведува дека залихите на гориво се намалуваат, додека воените активности на Блискиот Исток дополнително го оптоваруваат снабдувањето. Доколку не се воспостави стабилен премин низ Ормускиот Теснец, недостигот би можел да стане реалност низ целата Европска Унија.
Загриженоста е зголемена пред почетокот на летната сезона, кога воздушниот сообраќај е клучен за туризмот и за економиите на бројни европски земји. АЦИ Европа повика да се воведе заеднички механизам за следење на снабдувањето на ниво на ЕУ и предупреди на сериозни економски последици.
Поради растот на цените, некои компании веќе го намалуваат бројот на летови. „Делта ерлајнс“ најави намалување на капацитетот за 3,5 отсто, додека „Ер Њу Зеланд“ и полскиот „ЛОТ“ исто така ги редуцираат линиите и размислуваат за зголемување на цените на авиобилетите.