ЗАТВОРЕНИ УЛИЦИ ПОРАДИ ВЕЛИГДЕН ВО СКОПЈЕ Посебен сообраќаен режим околу црквите
Полицијата утре поради празникот Велигден ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во централното градско подрачје на Скопје, како и во општините Ѓорче Петров и Аеродром.
Поради празникот Воскресение Христово Велигден утре Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во централното градско подрачје на град Скопје, како и во општините Ѓорче Петров и Аеродром.
Како што информираат од МВР утре во периодот од 18 часот, па до завршувањето на манифестацијата по повод Велигден, во центарот на град Скопје по потреба за сообраќај ќе бидат затворени улиците околу Соборниот храм „Свети Климент Охридски“: булеварот Партизански одреди од крстосница со улицата Франклин Рузвелт до крстосница со булеварот ВМРО, потоа булеварот Св.Климент Охридски, од крстосница со булевар Илинден до крстосница со улицата Димитрие Чуповски, како и улицата Митрополит Теодосиј Гологанов од крстосница со улицата 9-ти Мај до кружна крстосница со улицата Св. Кирил и Методиј.
На автобусите од јавниот градски сообраќај кои што минуваат преку мостот Гоце Делчев по потреба ќе им се менува трасата на движење, при што истите ќе се движат по булевар Илинден и преку улицата Франклин Рузвелт ќе се вклучуваат на булеварот Партизански одреди. Автобусите кои што минуваат преку центар ќе се движат по улуцата М.Т.Гологанов, па преку „Франклин Рузвелт” ќе се вклучуваат на „Партизански Одреди”. И во спротивна насока автобусите ќе ги користат истите сообраќајници.
Во општина Ѓорче Петров по потреба за сообраќај ќе се затвори улицата Македонска војска пред црквата „Свети Петар и Павле“ на потегот од крстосница со „Партизански одреди“ до улицата Ѓорче Петров.
Во општина Аеродром по потреба за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон село Лисиче.
Од МВР информираат дека по потреба за сообраќај ќе бидат затворени и други сообраќајници кои гравитираат околу христијанските верски објекти. Полицијата апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници.