НА МАЈЧИН МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК ДА ОБЈАВИМЕ „ХРИСТОС ВОСКРЕСНА“ Пасхално послание од поглаварот на МПЦ-Охридска архиепископија

107

Поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан и членовите на Светиот архиерески синод упатија Пасхално послание по повод Велигденските празнувања.

„Ова лето Господово, во кое повторно преку благодатта Божја ни е даден вечноживиот дар за прославување на Велигден, ќе одбележиме и годишнини од нашето минато, кои, како во Татковината, така и насекаде до каде што нè има како народ, ќе ни овозможат повторно да го оживееме споменот за тие светли настани од нашата црковна и национална историја. Така, во оваа година се навршуваат 1140 години од враќањето во Македонија на светите Климент и Наум од Моравската мисија, со што се организирал црковно-литургискиот живот на Охридската Црква и се поставиле темелите на Охридската книжевна школа. Годинава се навршуваат и 1110 години од блаженото упокојување на свети Климент Охридски, патронот на нашата Света Црква, кој, во радоста на вечниот живот, е наш постојан молитвеник и закрилник. Се навршуваат и 150 години од Разловечкото востание, како и 80 години од донесувањето на првиот Устав на НР Македонија, со кој се потврди возобновената македонска државност. Еве, овие незаборавни настани, врежани во нашата црковно-национална самосвест, нека ни бидат поттик за да го чуваме споменот за нашите достојни претшественици, кои се вградиле во основата и во обновата на нашата Татковина Македонија и на нашата Македонска Црква. Но тие нека ни бидат и порака да ги сочуваме придобивките коишто ни ги оставиле, а потоа и да ги надградуваме, давајќи нови плодови.






Светлината на Христа воскреснатиот нека нè просвети, та, со нашата вера и со богоугодни дела, да го озариме светот со велигденска радост, па во братољубие, оттука, па до сите краишта на светот, до каде што нè има како народ и како Црква, да објавиме на нашиот мајчин македонски јазик: Христос воскресна!“, се  наведува во обраќањето на поглаварот Стефан.

 

Поврзани содржини