ИМАМЕ ИНСТРУМЕНТИ ВО АРСЕНАЛОТ ШТО НЕ СМЕ ГИ КОРИСТЕЛЕ, АМА ЌЕ ГИ КОРИСТИМЕ АКО ИРАН НЕ ГО ПРОМЕНИ КУРСОТ Го очекуваме одговорот од Техеран, порача Венс
Има два јасни пата по кои може да тргне Иран, првиот пат е оној во кој Иранците ќе одлучат да станат нормална држава, рече денеска потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс во врска со ултиматумот што претседателот Доналд Трамп му го постави на Техеран.
Уверени сме дека до вечерва до 20 часот ќе добиеме одговор од Иранците, рече денеска потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс во врска со ултиматумот што претседателот Доналд Трамп му го постави на Техеран за отварање на Ормускиот Теснец, на заедничката прес-конференција во Будимпешта со унгарскиот премиер Виктор Орбан.
– Се надевам дека ќе дадат правилен одговор. Мора да знаат дека имаме инструменти во арсеналот што досега не сме ги користеле. Претседателот на САД може да одлучи да ги употреби и ќе го стори тоа доколку Иран не го промени курсот – рече Венс.
Тој рече дела има два јасни пата по кои може да тргне Иран.
– Првиот пат е оној во кој Иранците ќе одлучат да станат нормална држава. Дека повеќе нема да финансираат тероризам. Дека ќе станат дел од светскиот систем на трговија и размена. Тоа би значело значително подобри економски услови за нив. Другата опција е Иранците да не се согласат на преговори и да продолжат со тероризмот, заплашувајќи ги своите соседи, не само Израел, туку и арапските земји. Во тој случај, економската состојба во Иран ќе остане многу, многу лоша и, искрено, веројатно ќе се влоши – рече тој.
Тој додаде дека рокот на САД за Иран истекува „за околу 12 часа“ и дека ќе видиме што ќе се случи тогаш.
Венс не мисли дека нападот врз стратешкиот ирански остров Харг е промена во планот на Трамп.
Одговори дека планот бил да се погодат „некои воени цели таму“ и дека „верува дека го сториле тоа“.
– Ние го почитуваме рокот на претседателот и сите други го почитуваат. Тој јасно стави до знаење дека нема да погодиме енергетски и инфраструктурни цели сè додека Иранците не излезат со предлог што можеме да го поддржиме или воопшто да не излезат со предлог. Тој им даде рок. Затоа, не мислам дека веста за островот Харг претставува промена во стратегијата или какво било отстапување од политиката на претседателот – рече Венс.
Додаде и дека во иранското раководство „не се најбрзите преговарачи“, но изрази надеж дека ќе добијат одговор до истекот на рокот до 20 часот по американско време.