Гладна кокошка…, или за „ретките луѓе кои победуваат“
Јасна ли е сега стратегијата и тактиката како онаа „величествена“ но многу мала, слободоумна група на интелектуалци, професори и новинари – што инаку работи само за наше добор! – (ќе) победува? Со едноставно бришење, неспомнување, молк… за сето она што, прво, во периодот 2016-2024 година се случуваше во државава, и второ, за нивниот неизбришливо срамен придонес што ги следи како клиенти на таа власт а сакаат тоа време да се заборави! Затоа сѐ ќе се префрли на „мрачните денови на Никола Груевски“, а може и порано, ако затреба.
Теодор Адорно, еден од најголемите филозофи на минатиот век, во еден текст од далечната 1959 година, вели дека „прашањето што значи соочувањето со минатото треба да се објасни“. И тој го објаснува. Вели дека „постои желба да се подвлече црта, по можност минатото да се избрише од сеќавањето“. Ние денес сведочиме на апсолутната точност на оваа теза на Адорно и генијалноста на неговиот ум (не само по ова прашање).
И, вели понатаму Адорно, „ставот дека сѐ треба да се заборави и прости (…) го заговараат соучесниците“ во неправдите, а често и во злосторствата.
Но ние – поточно неколкумина околу нас – знаат подобро. Онаа „многу мала, слободоумна група на интелектуалци, професори, новинари“, речиси сите до еден до гуша соучесници во величањето на бившана криминогена коалиција – вклучувајќи го таму и обвинителското дувло викано сјо (малите букви се…) – сега со сите сили се обидува да ги рехабилитира стожерните политиканти-криминалци кои го прелажаа народот и му се качија на вратот, надевајќи се дека со тоа ќе се рехабилитираат и себеси. Што би рекол народот: гладна кокошка просо сонува!
Затоа, впрочем, и им треба јавната рехабилитација на дотичната обвинителка што поднесува оставка преку смс порака, чија силуета ја носеа врз маиците на спотнатите гради. Ама забораваат – поточно: сакаат да заборават! – дека со тоа ја рехабилитираат и онаа Катица која прерасна во мрачен симбол на корумпираната „трета власт“, но и целиот тогашен криминоген апарат на чело со тезгарошон од Муртино, онаа „невина“ Црвенкапче која сега дреме во Брисел на наша сметка и уште стотици гаулајтери и гаулајтерки, меѓу нив и онаа „многу мала, слободоумна група на интелектуалци, професори, новинари“.
Колку ли сме ние останатите, оваа глупава македонска раја, среќни што имаме такви, па нека се и малкумина, кои бдеат над нас како транзициски ангели веќе цели три децении. И мелат, гризат, грабаат, гребат…, само и само ние да бидеме среќни.
А колку се во суштина кутри „слободоумниве“ луѓе, колку се неуки – да не кажам потежок збор – што не знаат дека кога би се притаиле барем за час, јавноста можеби би заборавила на нив и нивните скарадни улоги во оваа транзициска фарса. Ама не, тие би да го продолжат истиот сон, уште да ги бранат и повторно да ни ги поттураат под нос бедните остатоци на регресивните „прогресивци“ коишто многу, сериозно многу ја чинеа државата. Не само на политички туку и на историски, културен, образовен, научен, економски… план. Да останеа прикриени барем неколку години, ќе ги заборавевме зашто ионака се небитни, неважни, петтокласни клиенти во вечна потрага по газда. Ама не, тие би да се самопромовираат во осведочени бранители на мафијашката држава, на ретардираната регресивна линија во оваа (сега) кутра држава.
И иако не знаат, многу се слични со деновиве „популарниот“ комедијант, инаку американски сенатор Линдзи Греам, чии коментари за Иран наводно во полза на Трамп само создаваат поголеми симпатии за нападнатата земја! Но, како што велат: на човек можеш само да му земеш, не можеш да му дадеш.
И понатаму, ако некој воопшто и се сомневаше (не само) во моите назнаки за папочните врски на таа „слободоумна група“ со онаа лековерна секта што се претставува како некогашeн СДСМ, нека го прочита неодамнешниот памфлет на нејзиното раководство. Таму тие дословно велат: „Не можеме сите да ја продаваме иднината на земјата за да штитиме една партија и нејзината криминална банда која повторно ја враќа државата во старите, мрачни денови на Никола Груевски“; и понатаму: „СДСМ останува посветена на европската иднина на Македонија, на борбата против корупцијата и на заштитата на граѓаните од катастрофалните политики на сегашната власт“ (sic!).
Во ред, одлично, но сега граѓанинот останува збунет: каде се загубија оние години помеѓу 2017 и 2024 па повторно се вративме на „мрачните денови на Никола Груевски“? Што се случи со нив односно што се случуваше во тој период, кој и кога го погреба? Или веќе го избришавме од меморијата, останува само уште да го избришеме од книгите, од текстовите по порталите и весниците, па и од календарот, ако затреба? И што ќе ни фали: од 2016 година директно ќе се катапултираме во 2025 и ќе ја продолжиме „борбата против корупцијата и на заштитата на граѓаните од катастрофалните политики на сегашната власт“!? Па тие се, по ѓаволите, наследниците на оние „мрачни денови“ бидејќи „прогресивниот“ период на етаблирањето на мафијашката држава веќе – не постои!
Јасна ли е сега стратегијата и тактиката како онаа „величествена“ но многу мала, слободоумна група на интелектуалци, професори и новинари – што инаку работи само за наше добор! – (ќе) победува? Со едноставно бришење, неспомнување, молк… за сето она што, прво, во периодот 2016-2024 година се случуваше во државава, и второ, за нивниот неизбришливо срамен придонес што ги следи како клиенти на таа власт а сакаат тоа време да се заборави! Затоа сѐ ќе се префрли на „мрачните денови на Никола Груевски“, а може и порано, ако затреба. Некој ќе рече дека и тоа е (донекаде) природно, но сепак: до вакви димензии? Сета вина да се префрла кај другиот само за да се забошоти, избрише сопственото учество во криминалните грозотии на „прогресивците“ и борците за нашата иднина?
Се разбира, има тука и многу други нешта, длабоки, често недофатливи. Кога поопстојно би ја погледнале таа „многу мала, слободоумна група на интелектуалци, професори, новинари“ која така и тоооолку се грижи за нашата добросостојба, ќе видите редица контрадикторни чувства, од незадоволство до пакост, од завист до непријателство, од немоќ до инфериорност… Сето тоа блика од нив во секој нивен збор, точка и запирка, во секој поглед полн со омраза против оние кои им го ускратија правото да беснеат во државата, но и против она огромно мнозинство кое, ете, го преферираше другиот!
Но за тоа и за други нешта во друга прилика.
Извор: Теодосиевски уметност