„СПИЕЊЕ КАКО ЛИЛЈАК“ И ПРОБЛЕМ СО ТОАЛЕТОТ Како изгледа животот во „Орион“ на пат кон Месечината?

Астронаутите од „Артемис II“ користат еден тоалет во капсулата „Орион“ и спијат во бестежинска состојба, додека се справуваат со технички предизвици. И покрај тоа, тие велат дека мисијата е стабилна и искуството е незаменливо.

1,482

Астронаутите од мисијата „Артемис II“ се соочуваат со необични услови во вселената, еден тоалет за четворица, спиење во бестежинска состојба и постојани технички предизвици. И покрај тоа, тие велат дека мисијата тече добро и дека искуството е уникатно.

Веднаш по влегувањето во орбитата, екипажот пријавил проблем со тоалетот, трепкачко светло кое укажувало на дефект на контролорот, проблем што бил решаван со часови.






„Отпушувач на ВЦ школка“

– Најважниот дел од опремата досега? Отпушувач на ВЦ школка – се пошегува астронаутката Кристина Кох.

Таканаречениот „лунарен тоалет“ се расипал веднаш по пристигнувањето во орбитата, а контролата на мисијата ја водела Кох низ чекори за поправка додека повторно не бил ставен во функција.

Ова е првпат ваков систем да се користи во длабока вселена, бидејќи мисиите „Аполо“ немале тоалет и користеле кеси за отпад.

„Мора добро да се вклопите“

Во „Орион“ има само еден тоалет, сместен до влезниот отвор, со систем за вакуум и проток на воздух кој го одвлекува отпадот.

– Многу внимателно. Прво и најважно, погрижете се да се вклопите во добра конфигурација – објасни менаџерката Бранел Родригез.

Поради микрогравитацијата, астронаутите користат јажиња и држачи за да останат стабилни, додека бучавата е толку силна што мора да носат заштита за слух.

Спиење како лилјак

Спиењето во вселената изгледа необично, но е поудобно отколку што изгледа.

– Комично е, но поудобно отколку што мислите – рече командантот Рид Вајсман.

Тој додаде дека Кох спие „висејќи како лилјак“, додека екипажот слободно лебди во кабината.

 

Целата планета во еден поглед

Глетката од вселената оставила силен впечаток врз екипажот.

– Можев да ја видам целата планета од север до југ, тоа е најимпресивниот момент – изјави Вајсман.

Инспириран од искуството, пилотот Виктор Гловер порача дека оваа мисија е нешто што ќе го паметат целиот живот.

Судир со отпад? Мал ризик

Иако вселенскиот отпад е сериозна закана, НАСА проценува дека ризикот за „Артемис II“ е мал поради внимателно избраната траекторија. Честичките од вселенскиот отпад се дрвижат со брзина до околу 35.000 километри на час, па дури и парче боја од неколку милиметри може да направи штета како судир на тешко возило на Земјата.

Сепак, леталото се движи надвор од најгустите орбитални појаси, а системите за следење овозможуваат навремено избегнување на потенцијални судири.

Два круга, па осмица околу Месечината

Во овој момент екипажот на „Артемис II“ е во раната фаза од мисијата, практично втор ден по лансирањето, кога астронаутите веќе влегуваат во ритам на работа и одмор, па дел од нив веројатно се во циклус на спиење во бестежинска состојба.

Во десетдневната мисија „Орион“ прво ќе направи две орбити околу Земјата за проверка на системите, по што се одвои од ракетата и со маневарот транслунарна инјекција се упати кон Месечината по издолжена траекторија што ќе го однесе зад нејзината далечна страна и назад кон Земјата.

📽️ СÈ ОДИ ПО ПЛАН, ОРИОН ЈА НАПУШТИ ОРБИТАТА Еве како да ја следите мисијата Артемис II во живо

 

Поврзани содржини