БРИТАНИЈА БАРА БАКАР И ДРУГИ РУДИ ОД ЗЕМЈИ-ПАРТНЕРИ Очекува побарувачката за литиум да се зголеми за 1.100%

Велика Британија започна забрзано да се залага за домашното рударство и за снабдување со минерали од партнерски земји, по усвојувањето на минатогодишната стратегија која беше ревидирана на почетокот на 2026 година.

90

Велика Британија бара партнери за ископ и преработка на критичните минерали, како што се бакар, литиум и други. Британската министерка за клима, Кејти Вајт истакна дека Лондон ќе биде добар партнер.

– Велика Британија сака да соработува со сите во однос на ова. Ги имаме нашиот калај и литиум, но мислам дека обемот тука е доста голем – изјави Вајт за Политико за време на посетата на еден од најголемите рудници за бакар во Чиле, кој моментално го извезува минералот за Кина, Кореја и САД.






За време на посетата таа истакна дека треба да се отклучи пристапот до повеќе места, нагласувајќи дека засега договор за критични минерали Велика Британија има постигнато со САД и со Казахстан.

– Една од моите најголеми фрустрации е што требаше да размислуваме постратешки пред 15 години за насоката и изгубивме дел од конкурентната предност. Поголемата разновидност во нашиот синџир на снабдување ќе нè направи посилни. Повеќе земји ќе имаат улога во ова, па затоа сакаме да можеме да седнеме како чесен посредник помеѓу некои од овие земји и да видиме дали можеме да отклучиме некои од синџирите на снабдување, што ќе биде добро за нашата економија и за нашата земја, за нашата енергетска безбедност – додаде британската министерка.

Велика Британија започна забрзано да се залага за домашното рударство и за снабдување со минерали од партнерски земји, по усвојувањето на минатогодишната стратегија која беше ревидирана на почетокот на 2026 година.

„Само во Велика Британија, очекуваме дека до 2035 година годишната побарувачка за бакар ќе се удвои, додека побарувачката за литиум ќе се зголеми за 1.100%. Како што економиите низ целиот свет ја спроведуваат зелената транзиција, побарувачката за овие минерали само ќе се зголемува, бидејќи енергетските извори и транспортот стануваат сè позависни од технологијата со ниски јаглеродни емисии. На глобалниот пазар, во последниве години сме сведоци на сè поконцентрирани синџири на снабдување со преработка и рударство. Таквата концентрација значи дека синџирот на снабдување е особено ранлив на шокови како што се природни катастрофи, војна или геополитички последици“, се истакнува во „Визија 2035 – Стратегија за критични минерали“.

Во текстот се наведува дека критичните минерали се од суштинско значење за економијата на Велика Британија, за националната безбедност и транзицијата кон чиста енергија, па оттаму ќе се зајакнуваат сопствените капацитети за рударство, преработка и рециклирање. Фокусот ќе биде кон југозападниот и североисточниот дел, кои, како што се додава, би можеле да доживеат индустриска ренесанса преку рударството.

„Имаме различни џебови на минерално богатство со длабока рударска историја, како што се: волфрам и калај во Корнвол, литиум во Корнвол и округот Дарам, истражување во тек за бакар и цинк во Англси, истражување во тек за телуриум и антимон во Мид-Тирон и истражување во тек за никел и кобалт во Абердиншир“, се истакнува во Стратегијата.

Покрај домашното производство, акцент се става и на поддршка на проекти надвор. Лондон најавува продлабочување на односите со клучните трговски партнери и развивање меѓународни партнерства со земји богати со ресурси, кои ќе ги надополнат домашните иницијативи.

„Имаме силна дипломатска мрежа со експертиза за комерцијални и развојни прашања за поддршка на инвестициите, извозот и локалниот развој. Нашите мрежи и експертизата за рударски услуги во Велика Британија ни овозможуваат да ја поддржиме испораката на критични проекти за минерали од страна на земјите, помагајќи во намалувањето на негативните влијанија врз локалните заедници, штетите врз животната средина и ризиците околу започнувањето или влошувањето на конфликтот“, пишува во текстот.

Клучен сегмент во Стратегијата е и работата на Лондонската берза на метали (LME), која е глобален центар за тргување со метали како алуминиум, кобалт, никел, бакар, калај, цинк…

„Планираме да лансираме проширен пазар за метали од одржливо снабдување, кој ќе поддржи одговорни и транспарентни синџири на снабдување. Берзата тесно се консултира со засегнатите страни за предлозите за 4 клучни метали: алуминиум, цинк, бакар и никел“, се потенцира во Стратегијата.

Великa Британија очекува најмалку 10% од годишната побарувачката за критични минерали да се задоволува преку домашно производство до 2035 година. За оваа цел се работи на намалување на високите трошоци за енергија, за олеснување на издавањето дозволи и пристап до финансии.

Поврзани содржини