ММФ СО ПОЗИТИВНА ОЦЕНКА Банкарскиот сектор во Македонија останува стабилен

Меѓународниот монетарен фонд ја истакна отпорноста на економијата, но предупреди дека конфликтите и повисоките цени на енергијата остануваат ризик.

55

Меѓународниот монетарен фонд позитивно ги оцени стабилноста и отпорноста на банкарскиот сектор, како и напредокот во монетарната политика и институционалната рамка на Народна банка на Република Северна Македонија, се наведува во завршниот исказ по мисијата спроведена врз основа на членот IV.

Во соопштението се посочува дека домашната економија покажува отпорност, што се гледа преку одржувањето солиден економски раст и постепеното забавување на инфлацијата. Сепак, како ризик се наведуваат продолжениот конфликт на Блискиот Исток и повисоките цени на енергијата, кои би можеле да имаат негативни последици врз повеќе економски сегменти.






Од Народната банка информираат дека поради овие ризици, ММФ препорачува натамошно претпазливо водење на монетарната политика. Воедно, се нагласува дека модернизацијата на оперативната рамка за спроведување на монетарната политика претставува значајно достигнување, кое ја зголемува ефикасноста и флексибилноста на централната банка.

ММФ оценува дека финансискиот систем останува стабилен, со добро капитализирани, ликвидни и профитабилни банки и ниско ниво на нефункционални кредити. Спроведените стрес-тестови, како што се наведува, покажуваат дека системските ризици се ограничени и под контрола, додека мерките во областа на макропрудентната политика се оценети како соодветни.

Во извештајот се поздравува и напредокот во усогласувањето на домашната регулатива со европските стандарди, што треба дополнително да ја зајакне супервизијата, решавањето банки и целокупната финансиска стабилност.

Од Народната банка истакнуваат дека и во наредниот период ќе останат посветени на одржување на ценовната и финансиската стабилност, како и на унапредување на политиките и инструментите во согласност со меѓународните практики.

Поврзани содржини