НАСМЕЈТЕ СЕ, БЕСПЛАТНО Е! Денеска е 1 Април – Светски ден на шегата

Според една теорија, обичајот за одбележување на Денот на шегата настанал во 16 век, кога почетокот на Новата година бил поместен од 25 март на 1 јануари. Луѓето кои го прифатиле новиот календар често се шегувале на сметка на оние кои продолжиле да слават по стариот обичај, па се верува дека токму од тоа настанала традицијата на првоаприлските шеги.

103

Во многу земји ширум светот денеска се одбележува Светскиот ден на шегата, 1 април, а луѓето на овој ден традиционално смислуваат безопасни, симпатични шеги за да се забавуваат и да ги насмеат своите ближни.

Во некои земји 1 април се одбележува само претпладне, додека во некои луѓето се шегуваат во текот на целиот ден.






Во Велика Британија, Австралија и Јужноафриканската Република шеги се прават само до пладне, а оној кој ќе ги направи попладне се нарекува априлска будала (April Fool).

Во Франција, Белгија, Холандија, Италија и франкофонските подрачја на Канада и Швајцарија, традицијата на 1 април е позната како „априлска риба“ (april fish). Вообичаена шега е обидот незабележливо да се залепи хартиена риба на грбот на „жртвата“.

Најраната трага за поврзување на 1 април со правење шеги потекнува од „Кантербериските приказни“ од 1392 година. Според една теорија, обичајот за одбележување на Денот на шегата настанал во 16 век, кога почетокот на Новата година бил поместен од 25 март на 1 јануари. Претходно, во многу европски градови Новата година се славела од 25 март и прославата траела сè до 1 април. Луѓето кои го прифатиле новиот календар често се шегувале на сметка на оние кои продолжиле да слават по стариот обичај, па се верува дека токму од тоа настанала традицијата на првоаприлските шеги.

Во 18 век постоело и мислење дека овој ден има уште постаро потекло, поврзано со библискиот лик Ное. Еден текст од англиски весник од 1789 година наведува дека Ное тој ден прерано ја испратил гулабицата од арката.

Со текот на времето се појавија и познати првоаприлски шеги. Така, Би-Би-Си во емисијата „Панорама“ во 1957 година објави прилог за наводна берба на шпагети во Швајцарија, што наведе многу гледачи да се распрашуваат како можат и самите да одгледуваат шпагети. Слична шега направи и „Бургер Кинг“ во 1998 година во САД, кога рекламираше хамбургер посебно дизајниран за левораки, кај кој состојките „течат“ на десната страна. Британски „Гардијан“ во 1977 година објави текст за измислена туристичка дестинација со островите Аперкејс и Лоуеркејс, главниот град Бодони и водачот по име Генерал Пик. Читателите подоцна открија дека сите имиња всушност се преземени од топографски термини.

Интересно е што некои реални настани кои се случиле на 1 април често биле дочекувани со недоверба. На пример, Иран во 1979 година го прогласи 1 април за Ден на републиката, но многумина и денес се сомневаат во автентичноста на тој празник. Слична ситуација се случи и во 2009 година во данскиот град Албертслунд, каде едно училиште за малку целосно ќе изгореше бидејќи пожарникарите веднаш не поверувале дека првите повици за помош биле вистински.

Поврзани содржини