СТУДЕНТИТЕ КОИ РАБОТЕЛЕ ПРЕКУ ЛЕТО ВО СТРАНСТВО МОРА ДА ПЛАТАТ ДАНОК Им се бара да ги подмират обврските за 5 години наназад

Најголем дел од реакциите доаѓаат од оние кои веќе извршиле поврат на данок во Германија, по што сега се соочуваат со обврска да платат 10% данок на вратениот износ.

411

Голем број македонски студенти, кои во изминатите 5 години учествувале во програмите за летна работа во Германија (Work & Travel) се соочуваат со неочекувани барања од Управата за јавни приходи (УЈП) да ги пријават за оданочување нивните приходи заработени во странство, пишува организацијата Студентарија мк.

Како што стои во објавата на УЈП, покрај пријавата на приходите од остварената сума која веќе им е оданочена во Германија, тие се жалат дека треба да платат данок за поврат на задржаниот данок кој го добиле од Германија, а бил трансфериран на македонска девизна сметка.






Најголем дел од реакциите доаѓаат од оние кои веќе извршиле поврат на данок во Германија и сега треба да го платат данокот во Македонија.

Студентите го наведуваат и како проблем тоа што  УЈП бара оваа обврска да се исполни ретроактивно за пет години, од 2020 до 2025 година.

Зоран Кочовски од агенцијата Коузон, која организира вакви вработувања на студенти во странство, вели дека Македонија и Германија имаат потпишано договор за одбегнување на двојно оданочување.

– Тоа значи дека студентите кои платиле данок во Германија нема да платат во Македонија – вели тој.

Но, додава Кочоски, проблем со плаќањето данок на доход остварен во Германија е тоа што во оваа земја студентите кои работеле помалку од 183 дена, значи помалку од 6 месеци имаат право да го повратат платениот данок на нето-платата остварен во Германија.

– Тогаш, законски, данокот треба да се плати во Македонија, бидејќи германските служби автоматски ја информираат Управата за јавни приходи во Македонија дека „студентот-икс“ кој работел во Германија остварил поврат на данок  и треба да плати данок на доход во Македонија. Тоа е поткрепено и со нашиот Закон за данок на доход, и обврската за студентот останува – вели Кочоски.

Тој додава дека спротивно на ова, оние кои работеле повеќе од 6 месеци во Германија и добиле поврат на данокот не треба да платат данок во Македонија.

– Тие живееле повеќе од шест месеци во Германија и законски треба да го добијат повратот на данокот, бидејќи основ за поврат на данокот во Германија е да се живее таму помалку од 6 месеци. Значи на овие студенти не  треба да им се бара да платат данок во Македонија – појаснува Кочоски.

За потсетување данокот на доход во Германија има стапка од 16%, а во Македонија стапката е 11,11%.

Кочоски е против тоа на студентите да им се наметнува обврска да платат данок на доход за работа во странство.

– За ова сум против и покрај законската обврска, бидејќи државата не им овозможила на студентите да работат во летниот период и да заработуваат дома, уште повеќе да им се наложува да плаќаат ретроактивно данок за период од 5 години, бидејќи државата не реагирала навреме на проблемот – додава тој.

Плусинфо побара објаснување од Управата за јавни приходи за проблемот и ќе го објави објаснувањето во моментот кога ќе го добие.

 

Поврзани содржини