ОРБАН И МИЦКОСКИ СО ЗАЕДНИЧКА ВИЗИЈА Економија, енергетика и европска перспектива

Мицкоски во Будимпешта ја истакна поддршката од Унгарија и ја нагласи потребата од економска и енергетска соработка.

299

Македонскиот премиер, Христијан Мицкоски, при посетата на Будимпешта оствари средба со унгарскиот премиер Виктор Орбан, при што двајцата лидери ја потврдија заложбата за продлабочување на стратешкото партнерство меѓу двете држави и зголемување на економската соработка.

Според соопштението, разговорите биле фокусирани на инвестиции, трговија, инфраструктура и енергетска стабилност, како и на регионалната соработка во услови на глобални предизвици.






– Силните партнерства се клучни за обезбедување стабилност и развој. Нашата соработка со Унгарија е заснована на доверба, заеднички вредности и конкретни резултати – истакнал премиерот Мицкоски.

Тој нагласил дека поддршката од Унгарија е значајна за европската перспектива на земјата и дека интеграцијата треба да се темели на принципиелност и мерит-систем.

– Силните држави се градат врз јасни политики, стабилни институции и доследна заштита на националните интереси – порача Мицкоски во своето обраќање на настан организиран од „Mathias Corvinus Collegium“.

Во говорот тој ја посочил Унгарија како пример за економски развој и стабилност, нагласувајќи ја улогата на премиерот Орбан.

– Унгарија со јасна визија и силно лидерство успева да обезбеди економски развој и зачувување на националниот идентитет – рекол Мицкоски, додавајќи дека Орбан е лидер кој носи одлуки во интерес на својата држава.

Двајцата премиери разговарале и за инфраструктурната поврзаност, енергетската стабилност и мигрантската криза, оценувајќи дека соработката во безбедноста е од суштинско значење за регионот.

Посетата, како што беше нагласено, претставува чекор напред во зацврстувањето на стратешкото партнерство меѓу двете земји, со фокус на економски развој и политичка поддршка.

Поврзани содржини