ПОСКАПИОТ ДИЗЕЛ ИМ ГИ ЗГОЛЕМИ ТРОШОЦИТЕ ЗА НАЈМАЛКУ 1.200 ЕВРА МЕСЕЧНО Камионџиите во една европска земја бараат државна помош
Здружението на германски шпедитери предлага ограничување на цената на дизелот, враќање на данокот на CO₂ на горивото и привремено суспендирање на компонентата CO₂ од патарините за камиони.
Германската влада мора брзо да интервенира и да им помогне на транспортерите да спречат прекини во синџирите на снабдување и трошоците од зголемувањето на цените на дизелот да се пренесат на потрошувачите, предупредува Здружението на германски шпедитери (BGL).
– Цената на дизелот се зголеми од почетокот на војната во Иран за околу 40 центи по литар – изјави Дирк Енгелхард, раководител на Здружението на германски шпедитери (BGL).
За типичен камион што патува околу 10.000 километри месечно, со просечна потрошувачка од 30 литри на 100 километри, ова значи дополнителен трошок од приближно 1.200 евра месечно. Во случај на поголеми камиони, со потрошувачка помеѓу 35 и 40 литри на 100 километри, тоа е уште поголемо.
На ниво на возен парк од 50 возила, годишниот дополнителен трошок надминува 700.000 евра.
– Се очекува дека порано или подоцна овој притисок ќе се прелее на потрошувачките цени – предупреди Енгелхард.
Затоа, BGL ја повикува германската влада да преземе итни и оперативни мерки за да ја обезбеди ликвидноста на компаниите и стабилноста на синџирите на снабдување.
Тие предлагаат ограничување на цената на дизелот, враќање на данокот на CO₂ на горивото и привремено суспендирање на компонентата CO₂ од патарините за камиони. Мерките мора да бидат насочени и административно едноставни за да се постигне посакуваниот ефект за многу кратко време, забележува здружението.
Бројни компании се обидуваат да се заштитат од зголемувањето на цените на дизелот со договорни клаузули што им овозможуваат на цените на транспортот да се прилагодат на движењето на трошоците за гориво.
Сепак, ваквите механизми честопати ја постигнуваат зацртаната цел со задоцнување и не можат целосно да ги ублажат ненадејните пазарни шокови. Ризикот е особено изразен за малите и средните шпедитери кои честопати немаат вградени заштитни механизми, па затоа го чувствуваат зголемувањето на трошоците веднаш и со полн интензитет.