БЕЗ ПРЕДВИДЛИВОСТ И БЕЗ ЈАСЕН КРАЈ НЕМА УСТАВНИ ИЗМЕНИ Мицкоски нема да влегува во авантури, ќе се фокусира на реформите

Мицкоски рече дека доколку Брисел инсистира на промена на Уставот како единствен услов, игнорирајќи ги одличните резултати во сите други сфери, тогаш Владата нема да биде добар соговорник во тој процес без да бидат дефинирани другите детали.

109

Aктуелната Влада нема да попушти пред барањата за уставни измени доколку не добие јасни гаранции за евроинтегративниот процес, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање по означувањето на почетокот на реконструкцијата на охридскиот аеродром.

Тој упати остра критика за начинот на кој претходната влада ја водела надворешната политика прифаќајќи го условот за внесување на бугарското малцинство во Уставот на земјава.






– Ние ќе се бориме, ова се историски процеси. Кај нашиот источен сосед политичарите за да го применат принципот на живковизмот чекаа децении за да се родат политичари од типот на тие што беа претходните седум години. Така што ако треба и ние ќе чекаме децении, но политики кои директно влијаат врз нашиот идентитет а не нудат предвидливост и јасен крај на тој процес, јас сум кажал дека немам намера додека сум претседател на Влада по било која цена да влезам во таква авантура – рече Мицкоски.

Премиерот најави дека Владата интензивно ќе ја исполнува својата домашна задача, а како примарна цел ги посочи обврските преземени во Реформската агенда, вклучително и акцискиот план за малцинствата, искажувајќи амбиција дека Македонија по ова прашање претендира да биде вистински лидер во регионот.

Тој предупреди дека доколку Брисел инсистира на промена на Уставот како единствен услов, игнорирајќи ги одличните резултати во сите други сфери, тогаш Владата нема да биде добар соговорник во тој процес без да бидат дефинирани другите детали.

Мицкоски упати порака до сите фактори, нагласувајќи дека клучот за овој процес лежи исклучиво кај најголемата политичка партија во земјата, ВМРО-ДПМНЕ и оти секој што живее во илузија дека повторно ќе најде марионети кои слепо ќе исполнуваат туѓи барања во државата, тешко се лаже.

 

Поврзани содржини