🎥 ЛИДЕРОТ НА „ХРИСТИЈАНСКО БРАТСТВО“, ЖАРКО ГРОЗДАНОВСКИ ГО УБИЛ КЛИМЕ МИТРЕВСКИ ЗА ИМОТ ВРЕДЕН НАД МИЛИОН ЕВРА Пред 7 години му се закануваше на Зоран Заев

Осомничениот убиец е анестезиолошки техничар од универзитетската клиника ТОАРИЛУЦ, а според локалните медиуми мотивот за убиство е користољубие, односно сакал што побрзо да го наследи имотот во Охрид што убиениот Климе Митревски, сопственик на угостителскиот објект „Климентов Конак“ му го препишал со договор за доживотна издршка.

1,174

Анестезиолошки техничар од универзитетската клиника ТОАРИЛУЦ, во одделот за анестезија, реанимација и интензивно лекување, е приведениот за убиство на 76-годишен охриѓанец, чие безживотно тело вчера наутро беше пронајдено во неговиот дом во Охрид.

Oд Министерството за внатрешни работи (МВР) велат дека станува збор за 53-годишниот Жарко Гроздановски, медицинско лице кое ѝ е познато на полицијата.






„Според официјалните податоци и евиденциите на СВР Тетово, досега против лицето Ж.Г. е евидентирано само едно кривично дело, Загрозување на сигурноста преку компјутерски систем. Освен овој конкретен случај, за лицето не постојат записи за други претходни санкции или кривични постапки со правосилен исход“ велат од МВР.

Полицијата вчера експресно го реши случајот. Гроздановски беше уапсен вчера во 17:20 часот откако претходно во МВР било пријавено дека на улицата „Нада Филева“ во Охрид, во неговиот дом, без знаци на живот е пронајден К.М. (76).

Од Јавното обвинителство велат дека денеска се работи на обезбедување докази во врска со случајот и оти во текот на денот ќе излезат со информации.

Охридскиот портал Охридскај објави дека убиениот е Климе Митревски, сопственик на угостителскиот објект „Климентов Конак“ во старото охридско јадро, а мотивот за убиството е имот вреден над еден милион евра во старото охридско јадро, по претходно склучен договор за доживотна издршка.

Фото: Принтскрин

 

Според истрагата, пишува Охридскај, Грозданоски и Митревски претходно склучиле договор за доживотна издршка, со кој Грозданоски се обврзал да го чува и да го негува Митревски во замена за наследство.

Се смета дека осомничениот свесно го забрзал умирањето на жртвата со цел побрзо да го стекне владеењето врз имотот.

Се очекува дека осомничениот Грозданоски ќе биде обвинет за Убиство од користољубие, кривично дело за кое во македонскиот Кривичен законик е предвидена најтешката казна, доживотен затвор.

Инаку, Жарко Гроздановски е лидер на организацијата „Христијанско братство“ и против него во 2019 година е поднесена кривична пријава за упатување смртни закани кон тогашниот премиер Зоран Заев. Тој во видеообраќање објавено на социјалните мрежи рече дека освен Заев, и експремиерот Никола Груевски вели дека е предавник.

 

„Немој да ми чепкаш ни еден од моите браќа по вера… Двапати те пуштив, ако не ми веруваш, прашај ги твоите луѓе во УБК. Првпат во Македонски Брод, вториот пат во Јасен и Козјак… Два пати имав прилика да ја запалам Македонија, но се повлеков затоа што дадов збор: На Македонец пушка не дигам… Жими еден крст и вера ќе ве снема и тебе и СДСМ и ДПМНЕ и сите лидери во Македонија… Јас сум Жарко Гроздановски. Момче, ти си предавник!“, му се закануваше осомничениот убиец Гроздановски на поранешниот премиер Зоран Заев.

Гроздановски е семеен човек, татко на три деца. Тој е магистер на медицински науки, дипломиран дефектолог.

Дел од членовите на организацијата „Христијанско братство“, меѓу кои и Гроздановски, учествуваа во протестите што кулминираа со упадот во Собранието на 27 април 2017 година.

Гроздановски беше кандидат за пратеник на парламентарните избори во 2020 година.

Од друга страна, убиениот Митрески при гостување во „Јади бурек“ во 2018 година  себеси се опиша како „Климе удбашот“ и „Климентов конак“. Рече дека се занимавал со многу работи тука и во Австралија, а се претстави и како еден од основачите на ВМРО-ДПМНЕ.

Фото: Принтскрин
Поврзани содржини