ЌЕ ГО УНИШТИМЕ ИРАН АКО НЕ СЕ ОТКАЖЕ ОД НУКЛЕАРНАТА ПРОГРАМА Трамп откри каков подарок добил од Техеран

Специјалниот претставник на американскиот претседател, Стив Виткоф, рече дека постојат индикации дека Техеран е заинтересиран за постигнување договор за прекин на конфликтот.

841

Американските сили со недели нанесуваат сериозни удари врз воените капацитети на Иран на ниво што ретко се гледа, рече денеска американскиот претседател Доналд Трамп на состанокот на неговиот кабинет и повтори дека САД убедливо победуваат во конфликтот.

Тој го повтори своето претходно тврдење дека Иран сака да постигне договор.






– Тие бараат договор. Не јас – рече тој, додавајќи дека Иранците се „лоши борци, но одлични преговарачи“.

Трамп го повика Иран да се согласи на договор со кој ќе се стави крај на американските и на израелските напади, предупредувајќи дека во спротивно ќе следат уште напади.

– Техеран има можност трајно да се откаже од своите нуклеарни амбиции и да тргне по нов пат. Ќе видиме дали сакаат да го сторат тоа. Ако не, ние ќе бидеме нивниот најлош кошмар. Во меѓувреме, ќе продолжиме да ги уништуваме – рече Трамп.

Претседателот, исто така, рече дека Иран има план да ја преземе контролата врз Блискиот Исток и ја наведе заканата од развој на нуклеарно оружје како клучна причина за воените напади.

Тој повторно ги критикуваше сојузниците, особено Обединетото Кралство и НАТО.

Конкретно се осврна на Обединетото Кралство, наведувајќи дека Лондон понудил да испрати носачи на авиони и додаде дека британските воени бродови се играчки во споредба со американските.

– НАТО не направи ништо, разочаран сум од тоа. Пред 25 години реков дека НАТО е тигар од хартија, бидејќи ние ќе им дојдеме на помош, но тие нема да ни дојдат на помош. Сега тие сакаат да дојдат, кога Иран ќе биде уништен. Требаше да се вклучите на почетокот или дури и пред да започне војната – рече тој.

Зборувајќи за иранскиот ракетен напад врз воената база Диего Гарсија, рече дека Техеран испалил ракета со долг дострел, иако претходно се веруваше дека нема таква способност.

Специјалниот претставник на американскиот претседател, Стив Виткоф, рече дека постојат индикации дека Техеран е заинтересиран за постигнување договор за прекин на конфликтот.

Виткоф потврди дека САД презентирале план од 15 точки како рамка за мировен договор и додаде дека на почетокот на преговорите било сосема јасно дека Иран нема да се согласи на договор што би ги исполнил целите на Вашингтон.

– На крајот, му кажавме на Иран уште една работа: немојте повторно да проценувате погрешно – истакна Виткоф.

Тој го повтори претходното тврдење дека иранските преговарачи ѝ кажале на американската страна дека имаат доволно ураниум за „11 атомски бомби“.

Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс ги повтори тврдењата на Трамп дека иранската војска е уништена и додаде дека ова им дава опција на САД да дејствуваат.

– Ова се опции што ќе обезбедат Иран никогаш да не добие нуклеарно оружје – рече Венс.

Американскиот потпретседател оправдувањето за конфликтот, исто така, го темели на заканата од иранската нуклеарна програма.

Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека верува оти земјите ширум светот, дури и оние кои сега малку се жалат, всушност треба да им бидат благодарни на САД. Војната против Иран, додаде тој, е потег во корист на светот, со цел да се спречи Иран да се здобие со нуклеарно оружје.

На состанокот Трамп откри каков подарок добил од Иран, за што навести завчера. Рече дека Иран дозволува некои танкери за нафта да поминат низ Ормускиот Теснец како знак на добра волја, во контекст на преговорите за завршување на војната.

Според Трамп, Техеран дозволил 10 танкери да поминат низ стратешкиот теснец, што американскиот претседател го оцени како „подарок што покажува дека Иран е сериозен во врска со преговорите“.

– Поминаа 10 брода – рече Трамп.

Министерот за војна на САД, Пит Хегсет, на состанокот на кабинетот рече дека иранската војска е речиси целосно неутрализирана за многу краток временски период.

– Пред 27 дена Иран имаше модерна војска. Никогаш во запишаната историја воената моќ на една земја не била неутрализирана толку брзо и ефикасно – рече Хегсет.

Тој нагласи дека операцијата „Епски бес“, како што САД ја нарекуваат војната против Иран, „не е бесконечна војна“, туку решителна кампања со јасно дефинирани цели.

– Ова е материјал од учебник по историја. Ова е прашање на наследство – додаде тој.

Зборувајќи за иранскиот напад врз воената база Диего Гарсија, Хегсет рече дека Техеран испалил две неуспешни ракети кон цел оддалечена околу 4.000 километри и нагласи дека Иран претставува поширока безбедносна закана.

– Му кажувам на светот, Лондон е оддалечен 4.000 километри од Иран. А вие велите дека Иран не е закана за светот или за САД? Претседателот Трамп знае подобро – рече тој.

Хегсет, исто така, рече дека САД ќе продолжат да вршат притисок врз Иран со „преговори со бомби“ сè додека не се постигнат конкретни разговори, но нагласи дека Вашингтон сака дипломатско решение.

– Се молиме за договор и ја поздравуваме можноста за договор – заклучи тој.

ИРАН НЕ ПЛАНИРА ДА РАЗГОВАРА СО САД Техеран го отфрли американскиот мировен предлог како едностран и неправеден

Поврзани содржини