ЦЕНАТА ЌЕ ОДИ И ДО 5.000 ЕВРА КВАДРАТ ОТИ БЛОКИРАТЕ ПЛАНОВИ, ПА НЕ СЕ ГРАДАТ ЗГРАДИ Николоски му порача на Мециновиќ дека хистеријата на Левица е на штета на граѓаните

Токму политиките на Левица и создавањето отпор кон секој нов детален урбанистички план во скопските општини ја ограничуваат понудата на станови, што неизбежно води до раст на цените, одговори вицепремиерот Александар Николоски на пратеничко прашање на Амар Мециновиќ за високата цена на станбениот квадрат.

1,610

Предизвиците со домувањето во Македонија и неможноста младите да дојдат до сопствен дом поради високите цени на становите, кои достигнуваат до 2.500 евра за метар квадратен во Скопје, предизвикаа полемика меѓу пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ, и министерот за транспорт, Александар Николовски, на денешната собраниска седница за пратенички прашања.

Мециновиќ ја обвини Владата за негрижа кон работничките семејства и за толерирање шпекулации на пазарот, додека министерот Николовски возврати дека високите цени се директна последица на блокирањето на урбанистичките планови и хистеријата што се создава против градежништвото, особено во некои скопски општини и во Охрид од страна на Левица и нивните коалициски партнери.

Поставувајќи прашање пратеникот Мециновиќ истакна дека домувањето не смее да биде комодитет, туку човеково право. Според него, ова е најгорчливото прашање за младите луѓе и за нивните семејства, кои, како што рече, се оставени на милост и немилост на пазарот, што директно придонесува за нивно иселување од државата.

Во својот одговор министерот за транспорт Николовски ги отфрли обвинувањата, нагласувајќи дека токму политиките на Левица и создавањето отпор кон секој нов детален урбанистички план во скопските општини ја ограничуваат понудата на станови, што неизбежно води до раст на цените според основните економски законитости.

– Добро е да знае македонската јавност дека една од основните причини зошто цената на станбениот квадрат во неколку скопски општини и во остатокот од државата, која инаку е релативно коректна, е ваква каква што е, поради хистеријата што вие и вашите прокси-коалициски партнери ја создавате. Имено, во Македонија во моментов да се донесе детален урбанистички план се смета за поголемо злодело, отколку да се убие човек на улица – изјави Николовски.

Рече дека во повеќе скопски општини, како Центар, Карпош, Аеродром, Кисела Вода, Гази Баба и во Чаир, не се носат планови поради притисокот од јавноста, а слична е ситуацијата и во Охрид каде, поради строгите забрани за градба, цената на квадратот достигнала 4.000 евра.

– Еве за урбанизацијата, вашата политика ја следиме и резултат на вашата политика е 2.500 евра за квадрат. И ако продолжиме со оваа политика, 5.000 евра за квадрат ќе биде, затоа што е едноставно, ако нема градба, ако нема понуда, а има побарувачка, цените ќе одат нагоре. Многу е едноставно, пазар е тоа – посочи Николоски.

Правите хистерија со урбанизацијата и не дозволувате државата да се развива, додаде министерот.

– Поради вашата партија бегаат инвеститори, не се отвараат работни места, заради хистеријата се дигнаа цените на стабовите и младите бегаат од државата – рече Николоски.

Додека државата води политика на олеснување на инвестициите, партијата Левица води популистички политики на создавање на хаос, додаде вицепремиерот Николоски.

– Менуваме Правилник со кој овозможуваме побрзо да оди урбанизацијата, со цел да можат да се градат нови маркети и да се создава конкуренција, еве имаме најава од два големи ланци, Лидл и Шпар веќе се тука. А вие повторно пуштате монтирани соопштенија со слики монтирани од мене, од премиерот, па сте ја ставиле во позадина сликата на тој што ве формираше. Јас сум долго во политика и прашајте го Димче Апасиев како сте формирани. Јас ќе ви кажам, со директна материјална подршка на Сашо Мијалков, кого сега го обвинувате за градење хотел во Охрид и ние не сме спречиле! И која ви беше улогата во 2015 година, да ја рушите Шарената револуција. И сега правите монтажа и на таа слика, нè обвнинувате зошто полесно ќе се градат хотели надвор од градовите, надвор од националните паркови, надвор од заштитените подрачја, надвор од заштитата од УНЕСКО. Па се молиме да дојдат инвеститори, зашто тие хотели носат пари, носат вработувања за да не се иселуваат младите, носат туристи и носат пари. А овие маркетиве кои ќе влегувааат носат поевтини цени затоа што не јас, туку Комисијата за заштита на конкуренција кажа дека има картелско здружување. Па се донесе Законот за добри трговски практики, почнаа да регистрираат пиар и маркетинг агенеции надвор од државата, па таму ги тераат производителите да се рекламираат. Е затоа ги правиме овие измени – одговори Николоски.

Тој додаде дека се смени закон за полесно да се градат улилишта, болници катни гаражи, и потенцира дека и во тој случај Левица правела хистерија и повикувала законот да не се потпишува.

– Правевте хистерија, баравте од претседателката да не го потпишува законот. Кај е урбаниот хаос кој што велевте дека ќе се случи? Гледам, многу сте загрижени за Охрид. Знаете колку е цената на квадрат во Охрид, 4000 евра? Заради такви како вас, затоа што правите хистерија. Се кандидиравте за градоначалник на Скопје. Како планиравте градот да го водите со ваква хистерија? Даноци кој ќе плаќа, буџетот како ќе се полни? Лесно е да водите ултра пополустички политики, ама тие ви се удираат во ѕид – одговори вицепремиерот Николоски.

Поврзани содржини