ОКЕАНОТ СЕ ПРЕТВОРА ВО „АПТЕКА“ Кокаин и кофеин пронајдени кај ајкули

Истражување открива дека ајкулите во водите на Бахамите носат траги од кокаин, кофеин и лекови, што укажува на нова закана за морските екосистеми.

170

Во водите на Бахами за првпат се откриени ајкули со траги од кокаин, кофеин и лекови против болки во нивниот организам, покажува ново научно истражување кое алармира за растечко загадување на морскиот екосистем.

Истражувањето, спроведено од научници од Универзитетот во Парана и објавено во списанието „Environmental Pollution“, анализирало примероци од морската флора и фауна во регионот. Резултатите покажале дека загадувањето повеќе не се ограничува само на пластика и индустриски хемикалии, туку вклучува и фармацевтски супстанции и дрога кои завршуваат во океанот.






Научниците посочуваат дека отпадот поврзан со туризмот и нуркањето е еден од главните извори на загадување. Овие супстанции, познати како „загадувачи од нов интерес“ (CEC), претставуваат нов вид закана по морскиот свет.

Водителката на истражувањето, Наташа Восник, објаснува дека биле анализирани примероци од крв на 85 ајкули во близина на островот Елјутера. Кај околу една третина од нив биле откриени траги од фармацевтски супстанции.

Истражувачите предупредуваат дека ваквото загадување може да има сериозни последици врз здравјето на ајкулите и стабилноста на морските екосистеми. Разбирањето на влијанието на овие супстанции, велат тие, е важно не само од биолошки аспект, туку и од економски причини, бидејќи ајкулите играат клучна улога во крајбрежните екосистеми и туризмот.

Поврзани содржини