БЕЗ ДОПЛАТА ДО НОВА КЛИМА Над 50 проценти од ваучерите веќе подигнати
Над 2.000 граѓани веќе ги подигнале ваучерите за инвертер клими вредни до 28.000 денари, а рокот за преземање трае до 17 април.
Над половина од ваучерите за инвертер клими веќе се подигнати, а процесот се одвива со засилена динамика низ цела држава, информираа од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Од вкупно 4.070 доделени ваучери, во периодот од 18 до 25 март подигнати се 2.084, што претставува повеќе од 50 проценти од предвидените, покажуваат податоците добиени од меѓуопштинските центри за социјална работа.
„Процесот на подигнување на ваучерите се одвива непречено и со засилена динамика на терен. Дневната динамика покажува континуиран интерес и зголемена активност кај граѓаните во сите општини низ државата“, информираат од Министерството.
Оттаму посочуваат дека податоците потврдуваат ефикасна реализација без застои и во согласност со предвидената динамика.
Граѓаните кои се наоѓаат на објавениот список можат да ги подигнат ваучерите во меѓуопштинските центри за социјална работа во општината каде што живеат најдоцна до 17 април 2026 година. По подигнувањето, тие ќе може да се искористат кај компаниите со кои Министерството има склучено договори.
„Со ваучерот граѓаните добиваат можност за набавка и вградување на инвертер клима уред со моќност од 3,5 kW и најмалку енергетска класа А+, во вредност до 28.000 денари, без дополнителна доплата“, наведуваат од Министерството.
https://energy.gov.mk/mk-MK/odnosi-so-javnost/rezultati-i-spisoci
Ваучерите може да се искористат најдоцна до 15 октомври 2026 година, а мерката е дел од Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија.
„Продолжуваме со интензивна реализација на мерките за поддршка на ранливите категории граѓани, со цел намалување на трошоците за енергија и подобрување на енергетската ефикасност во домаќинствата“, додаваат од Министерството.