ДИРЕКЦИЈАТА ЗА ЗАШТИТА ДОБИ ДВАЈЦА НОВИ ПИЛОТИ Вкупно пет пилоти подготвени за битка со идните пожари

Со нови обучени пилоти и модерна опрема, Дирекцијата за заштита и спасување ја зголемува подготвеноста за справување со пожарите во претстојната летна сезона.

156

Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) доби уште двајца обучени пилоти за гаснење пожари од воздух, со што вкупниот број сега се искачи на пет.

Станува збор за пилотите Роберт Малезански и Горан Блажески, кои успешно ја завршија тринеделната специјализирана обука во Шпанија и се вратија со сертификати за летање во сите услови со противпожарни авиони.






Тие беа обучувани во еден од водечките европски центри за воздушно гаснење пожари, каде стекнале вештини за справување со најтешките сценарија – од високи температури до сложени терени.

Со нивното враќање, ДЗС влегува во летната сезона значително подготвена, со тим од пет пилоти кои можат да управуваат со специјализираните „ер трактор“ авиони – летала што можат да полнат вода и од езера и брзо да реагираат на пожари на отворено.

Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, нагласува дека ова е сериозен чекор напред во подготвеноста на институцијата.

– Со новите пилоти значително ја зголемуваме нашата оперативна способност. Сега имаме тим кој може да одговори на повеќе пожари истовремено и во различни делови од државата – изјави Ангелов.

Тој додава дека обуката во странство е клучна за одржување на високи стандарди и безбедност во воздушното гаснење пожари.

– Нашите пилоти се обучени по највисоки европски стандарди и тоа значи побрза и поефикасна интервенција кога секоја минута е важна – потенцираше Ангелов.

Во пресрет на летото, кога ризикот од пожари драстично расте, надлежните очекуваат дека засилените капацитети ќе помогнат во побрза реакција и намалување на штетите.

Поврзани содржини