ЕНЕРГЕТИКАТА СТАБИЛНА, НО РИЗИЦИТЕ ПОСТОЈАТ Владата подготвува итна интервенција со мазут

И покрај стабилниот енергетски систем, Владата најавува интервенција со мазут за да спречи евентуално зголемување на цената на електричната енергија.

218

Електроенергетскиот систем во државата е стабилен и во целост функционален, уверува премиерот Христијан Мицкоски, нагласувајќи дека во погон се клучните капацитети и дека има доволно ресурси за непречено снабдување со електрична енергија.

Според него, во функција се блоковите 1 и 3 во РЕК Битола, додека на депониите има околу 80.000 тони јаглен во Битола и дополнителни 160.000 тони во Кичево. Акумулациите во хидросистемот се на околу 40 проценти исполнетост, што, како што објасни, би било доволно за производство на електрична енергија околу еден месец и во услови ако останатите извори запрат.






– Сè останато функционира нормално, така што електроенергетскиот систем е апсолутно стабилен – изјави Мицкоски по владината седница на која беа донесени мерки за ублажување на ценовните притисоци.

Сепак, премиерот посочи дека главен предизвик во моментов е цената на мазутот, која директно влијае врз трошоците на државната компанија ЕСМ и, индиректно, врз цената на струјата што ја определува Регулаторна комисија за енергетика.

Поради тоа, Владата размислува веќе на следната седница да донесе одлука за интервенција со околу 2.000 тони мазут од државните резерви, со цел да се намалат трошоците на ЕСМ и да се спречи евентуално поскапување на електричната енергија.

– Не сакаме да дозволиме повисоките цени на мазутот да создадат финансиски дисбаланс во компанијата, што потоа би се префрлило врз граѓаните – истакна премиерот.

Тој објасни дека трошоците на ЕСМ се пријавуваат до Регулаторната комисија, која врз таа основа ја формира крајната цена на струјата за домаќинствата.

Со најавената интервенција, Владата очекува да го задржи сегашното ниво на цените и да спречи дополнителен притисок врз семејните буџети.

– Целта е да се одржи стандардот на граѓаните и да се задржи инфлацијата на ниско ниво во споредба со другите европски земји – додаде Мицкоски.

Поврзани содржини