ШЕСТ МОЌНИ ДРЖАВИ ЌЕ ПОМОГНАТ ЗА БЕЗБЕДНО ПЛОВЕЊЕ НИЗ ОРМУСКИОТ ТЕСНЕЦ Иран им порача дека така ќе станат соучесници во злосторство
Во заедничка изјава лидерите на Велика Британија, Франција, Германија, Италија, Холандија и на Јапонија ги осудија нападите на Иран врз невооружаните трговски бродови, нападите врз нафтените и гасните постројки и затворањето на теснецот, со порака дека слободата на пловидба е фундаментален принцип на меѓународното право.
Велика Британија и шест други земји изјавија дека се подготвени да помогнат во обезбедувањето безбедно поминување на бродовите низ Ормускиот Tеснец.
Во заедничката изјава на британскиот премиер со лидерите на Франција, Германија, Италија, Холандија и на Јапонија се наведува и дека ќе работат на стабилизирање на енергетските пазари.
„Од срце ги осудуваме неодамнешните напади на Иран врз невооружени трговски бродови во Персискиот Залив, нападите врз цивилната инфраструктура, вклучувајќи ги нафтените и гасните постројки и фактичкото затворање на Ормускиот Теснец од страна на иранските сили. Изразуваме длабока загриженост за ескалацијата на конфликтот. Апелираме до Иран веднаш да ги прекине своите закани, поставувањето мини, нападите со беспилотни летала и ракети и сите други обиди за блокирање на теснецот за комерцијален сообраќај и да дејствува во согласност со Резолуцијата 2817 на Советот за безбедност на ООН. Слободата на пловидба е фундаментален принцип на меѓународното право, вклучувајќи ја и Конвенцијата на Обединетите нации за правото на морето“, се наведува во заедничката изјава.
Лидерите посочуваат дека последиците од дејствијата на Иран ќе ги почувствуваат луѓето ширум светот, особено најранливите.
„Во согласност со Резолуцијата 2817, нагласуваме дека таквото нарушување на меѓународната пловидба и нарушувањето на глобалните синџири за снабдување со енергија претставуваат закана за меѓународниот мир и безбедност. Во овој поглед, повикуваме на итен, сеопфатен мораториум за напади врз цивилната инфраструктура, вклучувајќи ги нафтените и гасните постројки. Изразуваме подготвеност да придонесеме во соодветните напори за обезбедување безбеден премин низ теснецот“, додаваат во изјавата.
Тие посочуваат дека ќе преземат и други мерки за стабилизирање на енергетските пазари, вклучително и соработка со одредени производители за зголемување на производството.
„Исто така, ќе работиме на обезбедување поддршка на најпогодените земји, вклучително и преку Обединетите нации и меѓународните финансиски институции. Морската безбедност и слободата на навигација им користат на сите земји. Ги повикуваме сите држави да го почитуваат меѓународното право и да ги зачуваат основните принципи на меѓународен просперитет и безбедност“, се вели во изјавата на лидерите на Велика Британија, Франција, Германија, Италија, Холандија и на Јапонија.
Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, ги предупреди сојузниците на САД дека ризикуваат „соучество“ во воени злосторства ако му помогнат на Вашингтон да го деблокира Ормутскиот Теснец.
Во телефонски разговор со својот јапонски колега Тошимицу Мотеги, Арагчи му порачал дека САД и Израел се одговорни за моменталната ситуација во теснецот, соопшти иранското Министерство за надворешни работи во објава на Телеграм.
Арагчи предупреди дека учеството на која било земја во обидот за пробивање на иранската блокада би претставувало „соучество во агресијата и грозоморните злосторства извршени од агресорите“.