КОЈ ЌЕ ГИ ДОБИЕ ПАРИТЕ ОД ПРОДАЖБАТА НА КЛУБОТ ЧЕЛЗИ? Помина рокот Абрамович да ги распредели за хуманитарни цели

Рускиот милијардер инсистира парите да се распределат на украински и руски семејства погодени од војната, а британската влада сака тие да одат само за Украинците.

160

Се продлабочува конфликтот меѓу рускиот милијардер Роман Абрамович и владата на Велика Британија. Откако истече рокот за распределба на парите од продажбата на фудбалскиот клуб Челзи, Лондон најави дека ќе преземе конкретни чекори

Поранешниот сопственик на Челзи по продажбата на клубот уште во 2022 година вети дека ќе ги донира приходите од продажбата за хуманитарни цели поврзани со војната во Украина. Но, парите и по 3 години не се распределени.






Британската влада му даде на Абрамович рок до 17 март да донесе конечна одлука за тоа како ќе се користат средствата.

-Му дадовме на Роман Абрамович последна шанса да го стори она што е правилно, но тој повторно не ги исполни своите обврски. Сега ќе преземеме понатамошни чекори за да се осигуриме дека ветувањето е исполнето – рекоа од британската влада.

Ова јасно укажуваше дека следниот потег би можел да вклучува правни мерки.

Клучниот проблем за нераспределените повеќе од 2,5 милијарди евра лежи во несогласувањето меѓу Абрамович и британските власти околу тоа кој треба да ги добие парите. Од самиот почеток, рускиот милијардер инсистираше средствата да бидат насочени кон сите жртви на војната – и во Украина и во Русија.

Од друга страна, британската влада сака парите да одат исклучиво за помош на Украина. Токму ова недоразбирање го блокира целиот процес со години.

Парите од продажбата на Челзи сè уште се на сметката на Фордстам ДОО, поранешната матична компанија на клубот, која е во сопственост на Абрамович. И покрај бројните обиди за ослободување на средствата, процесот остана во застој.

Минатата година, претставниците на Абрамовиќ тврдеа дека владата ги „парализира“ сите обиди за договор, додека Лондон постојано изразуваше фрустрација поради недостатокот на конкретни потези.

Уште во јуни, британските власти се заканија со правни мерки, а сега се чини дека таа закана би можела да стане реалност.

Поврзани содржини